„Солидарност, мобилност, иднина“ – нов мурал во Велес

„Солидарност, мобилност, иднина“ мурал во Велес / Фото: АКТО Фестивал за современи уметности

Продолжува програмата на јубилејното, 15-то издание на АКТО фестивалот за современи уметности, во продукција на организацијата Факултет за работи што не се учат (ФР~У) овој пат со изработка на мурал на бетонскиот ѕид на влезот на Велес, под Спомен-костурницата.

Муралот чиј автор е младиот уметник Давор Кешкец, е изработен на 86 метри должина и 2,5 метри висина и е во продукција на ФР~У во партнерство со Општина Велес.

„Не случајно избравме локација на влез на градот Велес, која има за цел симболично да прикаже поврзување на вредностите, пораките и приказните од останатите шест градови каде се изработуваат мурали, а тоа се заедништвото, солидарноста, анти-ксенофобијата, анти-национализмот, анти-фашизмот, слобода, еднаквост“ велат од АКТО фестивалот за современи уметности.

Оттаму информираат дека по минатонеделното отварање на 15-тиот АКТО фестивал со муралот во Битола, муралот на домот на култура во Ченто, како и муралот во Гевгелија, Фестивалот продолжува со интервенции во други градови низ државата во соработка со локалните заедници и различни партнери.

„Муралот како целина претставува збир на временски периоди значајни за постоењето на Велес како град. Она што сакаме да го истакнеме за изработката на овој мурал е партнерска соработка со Општина Велес во правец на градење на едно уметничко дело кое ги одразува современите текови во општеството, а тоа се солидарноста, заедништвото, мобилноста, инклузивноста како параметри на еден паметен град на иднината. Муралот во Велес зборува за иднината, за вклученоста за одговорноста како и грижата на граѓаните кон својот град“ додаваат од АКТО.

Покрај муралите во Битола, Ченто, Гевгелија и Велес, во периодот што следува, муралите ќе се сликаат во следните градови: Прилеп (Напред, само без заборавање!), Штип (Еднакви заедно посилни) и Кочани (Солидарноста го јакне имунитетот).