fbpx

„Солидарност“: Ако сакаме демократија, неопходна е промена на изборниот модел

-

Левичарското движење „Солидарност“ бара промена на актуелниот изборен систем во државата, кој, како што велат, има голем удел во генерирањето на тековната политичка криза и е модел на „големите политички партии кои се борат за етничкиот глас, а не модел на еднакви граѓани и на политички плурализам.

Од „Солидарност“ бараат изборниот систем да се замени со „порепрезентативни и поправедни модел и регулатива, кои ќе претставуваат цврсти столбови на демократската иднина на државата.

„Следните месеци ќе бидат пресудни за нивната изградба, а таа изградба мора да биде транспарентна, вклучувачка и легитимна, а не предмeт на пазарања на ВМРО–ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и на ДПА! Практиката на договарање решенија зад затворени врати во изминативе години се покажа поразителна за демократијата, штетна за стабилноста и несоодветна за интересите на мнозинството граѓани. Единствени што профитираат од ваквата практика се четирите големи партии и нивните лидерства“, стои во соопштенеито на „Солидарност“.

Оттаму повикуваат на итно и суштинско вклучување во процесот и на други политички партии, индивидуални експерти, иницијативи и организации кои работат на прашања во оваа област.

Од левичарското движење информираат дека во соработка со надворешни експерти, работат на подготвување детална студија со конкретни барања и со предлози за промена на изборниот модел, бидејќи, како што велат од „Солидарност“, постои можност „повторно да се организираат избори кои само ќе ја продолжат погубната политика и ќе го зацементираат хибридниот режим“.

Од „Солидарност“ сметаат дека постојат повеќе недостатоци на актуелниот изборен модел, кои е неопходно да се земат предвид при дискусиите, односно:

  •  Тековните модел и регулатива фаворизираат исклучиво партии. Независните кандидати и граѓанските листи уште на почеток се онеспособени со високиот праг на потребни потписи и со релативно кусиот рок за нивно собирање (при што тие треба да се соочуваат со локални бирократски лавиринти).
  • Со употреба на Д’Онтовата формула при алоцирањето пратенички места, изборниот модел неизбежно е наклонет кон поголемите партии. Така, многу партии може да освојат релативно голем број гласови, а да не влезат во Собранието. На секои избори во Македонија има огромен број дадени, но непретставени гласови. Токму затоа помалите партии најчесто завршуваат претопени во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ, како единствен начин да имаат свои претставници во законодавниот дом.
  • Актуелниот модел оневозможува развивање директна врска помеѓу граѓаните и пратениците како нивни претставници. Со затворените листи, „ работодавец“ на членовите на собранието не е народот, туку партиите што ги номинирале. Така, парламентарците полагаат отчет пред партиите, а не пред електоратот.
  •  Сегашните поставеност и структура на изборните единици поттикнуваат првенствено етничко гласање. Во ваков систем, партиите, пред сè, се обраќаат на етничките заедници како чии застапници се претставуваат. Етничката хомогеност или доминација во една изборна единица не остава простор за надетнички кампањи и интереси и за борба за гласот на секој граѓанин. Севкупно, овој изборен модел придонесува кон тоа Македонија да остане етнички поделено општество.
  •  Еден од најпогубните аспекти на моменталниот начин на функционирање на нашето општество е уништувањето на јавниот простор и на јавната сфера во која се овозможува политичка дебата. Оттаму, неопходно е МРТВ, како јавен сервис, да обезбеди простор за задолжителни ТВ-дебати со претставници на сите партии и граѓански листи.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.