Сојузот на средношколци најави дека ќе продолжи со активностите додека не им се прифатат сите барања

Средношколците на протест против онлајн настава / Фото: Арбнора Мемети

Од Сојузот на средношколци упатија потсетување до надлежните институции дека иако дел од нивните барања се исполнети, сепак остануваат уште две неисполнети. Како што велат тие, на многуте средби со владините претставници, станува јасно дека нивните барања стануваат сè повеќе прифатени од Владата, како на пример барањето учебната година да започне на 1 октомври.

Изјавите на министерката за образование и наука Мила Царовска и министерот за здравство, Венко Филипче дека практичната обука и учењето преку работа ќе се одвива физички како и изјавите за зголемени и засилени хигиенски мерки, чистење, дезинфекција, проветрување, како и обезбедување на вода, сапун, дезинфекциски средства и тоалетна хартија за училишните тоалети даваат гаранција, сметаат средношколците.

Тие велат дека најважно е што барањето за децентрализиран пристап е прифатено. Односно, според плановите на Владата, секое училиште ќе може, преку својот основач (општина, град Скопје или државата), да се произнесе за моделот на настава којшто ќе го следи.

„Сепак, две барања останаа неодговорени. Првото барање е симболично – признавање на средношколците како рамноправни партнери во донесувањето на одлуки. Одговорот на ова барање ќе го согледаме во иднината преку односот на институциите кон нас – дали властите ќе користат инклузивен пристап? Второто барање е најсуштинско – комбинирана настава, модел којшто подразбира поделба на паралелките во две групи. Едната група ја следи наставата физички, другата онлајн. Групите ротираат по одреден временски период. Нејсе, Владата признава само два модела: онлајн и физички. Затоа, Сојузот на средношколци ќе продолжи да комуницира со институциите за да оствари подобрување на сегашните протоколи како и изработка на протоколи за комбинирана настава (анг. blended learning)“, посочуваат средношколците.

Како што додаваат тие, нивните активности околу прашањето за учебната 2020-2021 година ќе продолжат се додека сите барања не бидат прифатени. Сојузот на средношколци и натаму стои на ставот „Или комбинирана настава, или бојкот на онлајн наставата“.

Пред само два дена средношколците протестираа против одлуката за целосна онлајн настава во новата учебна година. По протестот тие се сретнаа со министерката за образование и наука, Мила Царовска, која им понуди комбинирал модел на настава. Еден ден потоа, министерката заедно со министерот за здравство на прес-конференција ги презентираа протоколите за одвивањето на наставата.