Сојузот на средношколци и Комисијата за заразни болести денеска дискутираа за спроведување на протоколите

Сојузот на средношколци на состанокот на Комисијата за заразни болести / Фото: Министерство за здравство

На состанокот на Комисијата за заразни болести кој се одржа изутринава, присуствуваа и претставници од Сојузот на средношколци на кој им беа презентирани извештаите со деталната состојба од ковид-19 во Република Северна Македонија, информираат од Министерството за здравство.

„На состанокот, претставниците на Сојузот на средношколците ги претставија барањата на учениците, од најголем дел се веќе во планот на Комисијата за заразни болести за почеток на учебната година. Она што беше пред сѐ предмет на дискусија е периодот на имплементација на одредени протоколи, за кои Комисијата инсистира да бидат имплементирани етапно, согласно епдидемиолошката состојба во земјата“, соопштија од ресорното министерство.

Оттаму велат дека министерот за здравство, Венко Филипче пред средношколците го објаснил процесот на воведување и попуштање на рестриктивните мерки согласно епидемиолошката состојба. Тој ги информирал дека сите мерки за превенција донесени врз основа на стручните анализи и препораки на Комисијата се во интерес на заштита на здравјето на децата и родителите.

Како што стои во соопштението на МЗ, на состанокот двете страни се заложиле да продолжат со интензивна комуникација, со цел добра организација и имплементација на мерките за спроведувањето на наставата во претстојната учебна година.