Сојузот на средношколци го продолжува бојкотот на наставата, МОН вели дека тоа е „неоправдано“

Средношколците на протест против онлајн настава / Фото: Арбнора Мемети

По вчерашната одлука на Сојузот на средношколци и следнава седмица да продолжи бојкотот на наставата од страна на матурантите, денеска реагираше Министерството за образование и наука, кое порача дека барањата се неприфатливи, а бојкотот е неоправдан и е на штета на матурантите.

Од Сојузот бараат на државната матура да се полагаат два наместо четири предмети, од кои едниот задолжителен мајчин јазик и еден изборен предмет во зависност од интересите за понатамошно образование.

Сојузот имал средба и со пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, коишто ја искажале поддршката за бојкотот. Во соопштението од Сојузот објавено на нивната Фејсбук страница се вели оти пратениците рекле дека ќе излезат со иницијатива за организирање јавна расправа в понеделник и подготовка на измени на закони.

„Министерството за образование и наука (МОН) и Владата се должни и ќе ја спроведат матурата за да обезбедат можности за сите над 14.000 учениците коишто ја пријавија да ја полагаат и да продолжат да учат и да се запишат на факултет. Неодоговорно е да им се ускрати правото на оние кои решиле да продолжат на факултет.

Учениците коишто не планираат да продолжат на факултет, имаат избор да полагаат само училишна матура и стручен испит.

Државната матура оваа година ќе се полага по скратена и променета методологија како што МОН уште на почетокот на учебната година одлучи, а со тоа беа сложни и матурантите и средношколските здруженија и наставниците и родителите.

Бојкотот на група матуранти не оди никому во прилог и во овој случај целосно е неоправдан. Бојкотирање на оваа суштинска должност и одговорност е неприфатлива“, порача Министерството.

На тоа денеска реагираше Сојузот на средношколци, кој порача дека не ја разбира потребата од наведувањето на МОН дека матурата мора да се одржи, бидејќи матурантите не го оспоруваат тоа, туку обемот на полагањето.

„Сојузот на средношколци е согласен дека `Министерството за образование и наука и Владата се должни [да] ја спроведат матурата за да обезбедат можности за сите над 14.000 ученици коишто ја пријави[ле] … да учат на факултет`.

Меѓутоа, Сојузот не ја разбира потребата од ваква изјава, имајќи на ум дека ние не се залагаме за укинување на државната матура. Напротив, таа е клучен дел од нашето средно образование. Сепак, поради сегашната ситуација, Сојузот се залага истата да биде изменета.

Оваа година државната матура треба да се полага по скратени наставни програми и методологии. Но, тие програми треба да се однесуваат на сите предмети, а не само на неколку. Напоменуваме дека скратените наставни програми беа и продолжуваат да бидат дел од нашите барања упатени до институциите“, порача Сојузот на средношколци.