Сојузот на средношколци бара средба со Заев за државната матура: Времето истекува, брзо да делуваме

Бленди Ходаи, претседател на Сојузот на средношколци на протестот што го организираа во август 2020 година / Фото: Арбнора Мемети

Сојузот на средношколци денеска испратил писмо до кабинетот на премиерот, Зоран Заев со цел да побараат средба околу прашањето за државната матура, односно намалување на бројот на предмети од четири на два и скратени наставни програми.

„Се надеваме дека сте информирани за ситуацијата околу државната матура и преку медиумите и преку официјалните канали на комуникација. Исто така, се надеваме дека средбата ќе се одржи што поскоро, бидејќи времето истекува, што значи дека треба брзо да делуваме за да го решиме прашањето“ се вели во нивното писмо упатено до премиерот Заев.

Инаку, матурантите од денеска повторно се вратија на настава, откако го прекинаа бојкотот, со цел да им остават простор на пратениците да најдат решение за модифицирање на државната матура. Тие најавија дека ако не се прифатат и гласаат нивните барања до крајот на месецов, ќе протестираат со камп шатори пред Министерството за образование и наука.