Сојузот на средношколци бара наместо четири да се полагаат два предмета на државната матура

Бленди Ходаи, претседател на Сојузот на средношколци на протестот што го организираа во август 2020 година / Фото: Арбнора Мемети

Едно од нашите барања во врска со државната матура е да се намали бројот на предметите кои се полагаат. Од четири, предлагаме учениците да полагаат два предмета. Второто барање се однесува на материјалот што се учеше преку далечинско учење кога започна кризата, односно истиот да не биде вклучен во државната матура, изјави денеска Бленди Ходаи, претседател на Сојузот на средношколци по средбата со министерката за образование и наука Мила Царовска, а по однос за државната матура.

„Најдовме компромис за второто барање, односно за материјалот што се учеше во трета и четврта година кога започна кризата. На државната матура ќе има многу едноставни прашања, што ќе биде олеснително за средношколците при полагањето“ изјави Ходаи.

Во врска со првото барање, како што рече тој, Министерството за образование и наука ќе го земе предвид за новиот концепт на државната матура за наредната учебна година. Хондаи потенцираше дека Сојузот на средношколци ќе се труди ова барање да биде прифатено уште сега и да важи за државната матура што треба да се одржи оваа учебна година, при што тие ќе мора да имаат консултации и со универзитетите, но и со Државниот испитен центар.

Претходно Сојузот на средношколци побара да не се одржи државната матура, бидејќи како што рекоа тие, „нема да биде ефективна“ поради актуелната ситуација која стресно влијае врз менталното здравје на средношколците. Од Министерството за образование и наука пак, соопштија дека државната матура ќе се одржи во јуни, а испитните програми ќе бидат со скратени содржини. Пред две и пол недели, Државниот испитен центар ги објави датумите за полагање на државна матура во јунска испитна сесија 2021 година.

Минатата учебна 2019/2020 година поради ситуацијата со пандемијата не се одржа државна матура.