Сојузот на средношколци и здружението ЛЕАД со награда за средношколско учество „најГЛАСни“

Сојузот на средношколци, заедно со здружението Лидери за едукација, активизам и развој (ЛЕАД) со поддршка на фондациајта „Конрад Аденауер“, воведуваат награда за средношколско учество, како признание за активноста и работата на овие ученички тела во насока на унапредување на положбата на учениците во своите училишта и вклучување во училишните процеси.

Заинтересираните учесници треба да ја раскажат приказната за нивната средношколска ученичка заедница. Повикот е отворен за сите средношколски заедници од државните и приватни училишта кои во текот на учебната 2021/2022 година биле активни и придонеле за поголемо ученичко учество во донесување на одлуките

„Наградата претставува признание за активноста и работата на овие ученички тела во насока на унапредување на положбата на учениците во своите училишта и вклучување во училишните процеси и ќе се доделува на годишно ниво, на ученичките заедници кои демонстрираат активност и посветеност кон унапредување на училишната демократија“, велат огранизаторите.

Во рамки на овој повик ќе бидат избрани најмногу 3 средношколски заедници кои во изминатиот период со своето делување придонеле за средношколското учество во нивните училишта и кои имаат план и визија за периодот кој следува.

Пријавување за наградата се врши електронски со пополнување на пријавата на следниот ЛИНК до 20.02.2022 година. Победниците ќе бидат избрани на врз основа на точно одредени критериуми од страна на 3 члена комисијата составена од: претставник на КАС, претставник на ЛЕАД и претставник на Сојузот на средношколци.

Од вкупно добиените апликации, ќе бидат селектирани 4 до 6 финалисти, кои ќе бидат известени најдоцна до 01.03.2022. Тие ќе бидат поканети да присуствуваат на завршен дводневен настан кој ќе се одржи во средината на месец март 2022 година. Секој финалист ќе биде составен од четири претставника (три ученика и одговорниот наставник) од избраните ученички заедници.

На дво-дневниот настан финалистите ќе имаат можност да ја претстават работата на средношколската ученичка заедница, од каде што 3 средношколски ученички заедници ќе бидат наградени. Секоја наградена училишна заедница ќе добие признание, плакета и банер со наградата и со логото и името на нивната ученичка заедница.

Трите ученички заедници, покрај признанието, ќе добијат финансиска поддршка во висина од 10.000 MKD за реализација на активност во рамки на своето училиште до крајот на учебната година 2021/2022. Исто така наградените ќе добијат насоки и менторство од страна на ЛЕАД, КАС и ССРСМ за како да ја подобрат својата работа и како да ја спроведат замислената активност/иницијатива.