Сојузот на средношколци бара решавање на проблемот во Математичко-информатичката гимназија

фото: Сојуз на средношколци

Побрзо да се реши проблемот во Математичко-информатичката гимназија бидејќи е апсурдно учениците од ова училиште да имаат по само еден до два часа дневно, реагира Сојузот на средношколци.

Од таму велат дека непречениот образовен процес е уставно и законско право она секој ученик и државата истото мора да го почитува и запазува, како и дека е недозволиво учениците да немаат настава за 8 стручни предмети поради неможноста на Министерството за образование и наука (МОН) и Министерството за финансии да најдат заедничко решение.

„Со жалење ја констатираме состојбата во гимназијата која беше замислена како елитна образовна институција за учениците талентирани по математиката и информатика. Силно веруваме во тоа дека развојот на сите науки е екстремно важен, особено земајќи ја предвид круцијалната улога на средното образование во процесот“, реагираат од Сојузот на средношколци.

Сојузот бара надлежните да ја регулираат ситуацијата во оваа гимназија и да се држат на високите посакувани стандарди, не само бидејќи е уставно право на учениците, туку и за да докаже дека амбициите за развојот на сите науки се реални и остварливи.

Од средношколскиот сојуз додаваат дека се залагаат за отворање на две нови селективни гимназии – Јазична гимназија по примерот на Филолошките гимназии во Белград и Сараево и Хуманистичко-општествена гимназија по примерот на францускиот образовен систем.

Инаку, гимназијата се соочува со недостиг на професори бидејќи договорите на дело им истекоа на крајот на декември 2022 година, а нивното продолжувањето треба да го одобри Министерството за финансии.