Сојузот на средношколци апелира учениците да ги почитуваат здравствените протоколи со почетокот на учебната година

фото: kyo azuma на Unsplash

Сојузот на средношколци ги повика сите ученици во средните училишта да ги почитуваат здравствените протоколи како единствен и најдобар начин да се заштитат, пред почетокот на новата учебна година која е предвидено да започне на 1 септември.

Колку што е важен квалитетот на образовниот процес, толку е важно и здравјето на средношколците, велат од Сојузот.

Со цел да се зголеми нивото на безбедност во училиштата, на состанокот со министерката за образование Мила Царовска, од страна на Сојузот биле предложени неколку амандмани на протоколите за настава со физичко присуство.

„Училиштето организира редарска служба внатре во училиштето, со цел спроведување на редот, задолжително спроведување на дезинфекција и носење на заштитни маски, одржување на потребното растојание меѓу учениците и за време на одморите. За време на големиот одмор, редарска служба се организира и во училишниот двор. Редарите да се ангажираат од редот на вработените во училиштето, за што одлучува директорот“, стои во предложените амандмани од страна на Сојузот на средношколци.

Тие бараат површините и предметите кои се почесто изложени на допир, да се дезинфицираат на почетокот и на крајот од секоја смена. Препорачуваат учениците храната да ја набавуваат пред почетокот на часовите, но и да не се напушта училишниот двор за време на одморите.

Од Сојузот на средношколци велат дека доколку се влоши ситуацијата со пандемијата, а со тоа и моделот на настава да треба да се промени, тогаш ќе ја претпочитаат комбинираната настава отколку наставата од далечина.

Средношколците уште еднаш ја поздравија одлуката за настава со физичко присуство. Крајно време е образованието да биде ставено на пиадестал над останатите општествени активности, велат од Сојузот.

„Заклучно, го поздравуваме повторното отворање на училиштата и ги повикуваме сите средношколци да ги почитуваат протоколите. Училиштата треба први да се отворат, а последни да се затворат“, стои во соопштението од Сојузот на средношколци.