Сојузот на извидници ја избра Маја Јанковска за извидник на годината

Извор на фотографија: Сојуз на извидници на Македонија

Маја Јанковска поради ангажманот во својот матичен Извиднички одред Браќа Миладиновци е избрана за извидник на годината за 2021 година, соопштија од Сојузот на извидници на Македонија.

Номинираната Маја Јанковска – ЧАЈЧЕ е активна, посветена и општествено одговорна личност, извидник во ИО Браќа Миладиновци повеќе од 15 години. Таа започнала како редовен развигорец, извидник која нема пропуштено акција и републички натпревар и освојувано доста медали и заслуги за нејзината посветеност.

„Во текот на нејзината извидничка кариера има посетено школа за водачи, ППЗ, школа за лидери и други обуки. Маја е млада личност на која секогаш и за се може да се наслонат луѓето, а кога станува збор за извидници никогаш нема да ви каже не. Вредна и посветена личност на која извидништвото не и е хоби, туку начин на живеење“, се наведува во номинацијата за извидник на годината.

„Номинираната служи како најдобар пример за извидник, а тоа го покажува преку нејзиниот граѓански ангажман и работа во својата заедницата. Маја е поединец која носи различни особини и квалитети и дава несебична поддршка како на извидниците во својот одред така и во Сојуз на извидници. Добро препознаена е во СИМ како активен и посветен поединец која покажа примерна посветеност за подобрување на канцеларијата/бирото преку волонтирање, иницирање и организирање на различни акции“, објави Сојузот на извидници на Македонија на нејзината страница на Фејсбук.