Сојузот на извидници го осудува непрофесионалното известување на медиумите, суспендиран Прв скопски извиднички одред

Фото: Влада на РСМ

Сојузот на извидници соопшти дека поради огромниот број на медиумски наслови и „стории“ кои, како што велат, содржат очигледни намери за генерализирање на настанот „Секс извидници и рокенрол“ и дискредитирање на извидничката организација, принудени се да реагираат со цел да ги ублажат непроценливите штетни последици по извидништвото, како резултат на безмилосниот натпревар помеѓу медиумите за максимизирање на бројот на гледачи, слушатели и посетители.

Оттаму велат дека заради претпазливост и независност на активностите за расветлување на настанот, донеле одлука за суспензија на Прв скопски извиднички одред од Сојузот на извидници на Македонија (СИМ).

„Конечна одлука во однос на евентуалните дисциплински мерки ќе донесе Собранието на СИМ врз основа на резултатите од преземените дејствија за истражување на случајот“, велат од СИМ.

Тие додаваат дека е просто неверојатно со каква леснотија медиумите го поврзуваат настанот со генералниот поим за извидништво, извидници, извиднички кампови, извидничка организација и извидничко движење.

„Како невладина и целосно неполитичка организација, особено го осудуваме тоа што одредени медиуми ја злоупотребуваат веста во политичка конотација“, децидни се од СИМ.

Тие сметаат дека со моменталниот медиумски пристап грубо се засега во правата на лицата вклучени во настанот и нивните семејства.

Заради заштита на учесниците на настанот за кој се известува, тие бараат од сите медиуми со голема внимателност да ги преиспитаат методите за известување во врска со оваа исклучително сензитивна тема.

„Бараме сите објави на темата да бидат засновани на проверени и релевантни информации за настанот, во согласност со одредбите од Кодексот за медиумска етика“, велат извидниците.

Тие потенцираат дека известувањето базирано на непроверени, еднострани и шпекулативни информации можеби носи гледаност, слушаност и читаност, но истовремено предизвикува несогледливи последици, особено кај најранливата категорија чија заштита е во примарен наш интерес и во интерес на целото општество.

Сојузот се оградува од какви било активности кои би можеле на да се доведат во корелација со сексуално или друго вознемирување на младите.

„Примарна цел на секој извиднички настан, независно од програмските активности, е учесниците на истиот да се чувствуваат безбедно и сигурно“, велат извидниците.

Оттаму посочуваат дека имаат целосна доверба во сите надлежни државни органи и институции и им даваат целосна поддршка во насока на расветлување на настаните.

Сојузот на извидници на Македонија е младинска чадор организација со 70 години искуство. Тие имаат над 1.000 активности годишно на територијата на целата држава, а дел од овие активности биле над сто илјади деца и млади.