Сојузниот суд на Австралија објави 106 причини за депортацијата на Ѓоковиќ

Фото: Мета.мк

Сојузниот суд на Австралија објави документ во кој се наведени 106 точки за конечната пресуда по што Новак Ѓоковиќ беше депортиран од земјата. Во документот се нагласени сите контроверзни постапки на тенисерот од моментот кога го добил позитивниот тест на 16 декември, неговото соочување со царинската полиција, првата позитивна пресуда и практично целата приказна, а наведени се и членови од австралискиот закон.

„Очигледно, министерот можеше да заклучи дека г-дин Ѓоковиќ повеќе од една година избирал да не се вакцинира откако вакцините станале достапни“, се вели во документот. Понатаму се додава дека Ѓоковиќ имал причина да не се вакцинира сега во јануари 2022 година бидејќи бил заразен, но не кажал ништо за тоа зошто не се вакцинирал во претходниот период, до декември 2021 година. 

„Очигледно, министерот можеше да заклучи дека г-дин Ѓоковиќ избрал да не се вакцинира затоа што се противел на вакцинацијата или не сакал да се вакцинира“, наведено е во седумдесет и четвртата точка во документот.

Документот исто така сугерира дека главната причина за депортација е што Новак и покрај тоа што имал позитивен тест бил на јавни настани, што е лош пример за граѓаните на Австралија. Тенискиот првак ги извести надлежните дека е позитивен за медицински да биде изземен од обврската да се вакцинира и на тој начин да добие австралиска виза, а веќе следниот ден направи интервју со француски „Л’Eкип“ и делеше трофеи на деца во Белград, наместо да седи во изолација.

Во документот, исто така, наведено е дека светката тениска ѕвезда може да влијае врз луѓето од сите возрасти, особено младите да постапуваат како него и да поттикне антиваксерство.

Светскиот рекет број еден на 10 јануари ја доби првата битка на Федералниот суд и успеа поништената виза да му биде вратена, но по 11 дена минати во Австралија, на крајот беше депортиран откако Сојузниот суд по вторпат му ја поништи визата.

Како што објавија австралиските медиуми, Ѓоковиќ преговарал да ја тужи австралиската влада за 6 милиони австралиски долари поради „лошо постапување“. Иако е нејасно на кој суд би тужел, се шпекулира дека тој би барал компензација за загубите на средства од наградниот фонд на Австралија опен, за спонзорства, и за морална штета.

Ѓоковиќ се надеваше дека ќе игра на Австралија опен овој месец и дека ќе ја освои 21-та гренслем титула. Сега се соочува со ризик дали воопшто ќе може да се натпреварува и во други земји бидејќи се заоструваат правилата за патниците кои се невакцинирани, а некои турнири ги преиспитуваат исклучоците.

Најнепосредна загриженост е следниот грен слем – Отвореното првенство на Франција, „Ролан Гарос“ во мај откако Министерството за спорт на земјата во понеделникот објави дека нема да има изземање од новиот закон за вакцинација.