Сојуз на средношколци: Предавањата не беа ефикасни и квалитетни како во претходните години

Средношколците на протест во 2020 година против онлајн настава / Фото: Арбнора Мемети, Мета.мк

Сојузот на средношколци и натаму не отстапува од барањето да има измени во државната матура. Една од причините за ова е поради затворањето на училиштета од март 2020 година, бидејќи како што велат, предавањата не биле поеднакво ефикасни и квалитетни како во претходните години.

„Вообичаено за предмет што би го имале 5 пати неделно со 45 минутен час, ние сега имаме 50 минути помалку поради намалувањето на времетраењето на часовите. Не можете да очекувате да знаеме и да имаме проучено исто толку материјал како во нормални ситуации, а нашите ресурси се неразумно ограничени!“ стои во записот на Сојузот, од каде додаваат дека претходната (учебна) година учениците биле целосно ослободени од матурата иако само неколку месеци од наставата ги слушале онлајн. Додека пак, во овој случај тие се принудени да поминат низ процесот на полагање, иако година и половина наставата ја слушале онлајн.

Тие напоменуваат дека врз нив влијаел и недостатокот на социјализација во реалниот живот меѓу учениците, што пак им ја намалила мотивацијата тие да учат или да извршуваат какви било други задачи, па и оттука намалената ефективноста на далечинското учење.

Тие исто така, велат дека причината поради која 14.000 ученици имаат пријавено државна матура е поради тоа што ги почитувале Законот за средно образование, Уставот и институциите.

Во своите 10 аргументи зошто треба да има измени во државната матура, средношколците го вметнуваат и примерот со „една студија направена од Лансет психијатрија, еден од најстарите и најпознати медициниски журнали, која покажа дека стапките на депресија се зголемија на глобално ниво за време на полицискиот час воведен за справување со ковид-19, што ги прави учениците поподложни на бариери за учење предизвикани од стрес“.

Од МОН пак, стојат на ставот дека државната матура ќе се полага како и досега, но со скратени материјали. Денеска министерката за образование и наука, Мила Царовска на новинарско прашање дали ќе има продолжување на училишната година, поради големиот број на загубени часови од бојктот на средношколците истакна дека секое училиште има начин како да си ги надомести изгубените часови.

„Како и секогаш, кога немаат можност да спроведат часови, ќе се реорганизираат и ќе си ги спроведат“, одговори Царовска, која остана на веќе повторените ставови во однос на барањата на матураните.

Претходно, Сојузот на средношколци од Собранието побара привремена законска измена за државната матура.

Министерката Царовска пак, рече дека за измени во матурата ќе може да се разговара идната учебна година.