Сојуз на средношколци: Некои средни училишта бараат пари од учениците за издавање свидетелства

Фото: Tim Gouw на Unsplash

Сојузот на средношколци испрати известување до Државниот просветен инспекторат, во кое ги информира дека во изминативе неколку денови добиле поплаки од средношколци од повеќе градови низ земјава дека некои средни училишта наплаќаат такси за издавањето свидетелства.

Тие тврдат дека средното медицинско училиште во Тетово наплаќа меѓу 150 и 200 денари за свидетелство, додека средното економско училиште во Тетово бара износ од 150 денари за издавање на свидетелство и диплома за крај на средното образование. И скопската гимназија „Зеф Љуш Марку“ наплаќала 100 денари од учениците за свидетелство, додека во Прилеп гимназијата „Мирче Ацев“ наплаќала 30 денари од ученик.

„Главниот проблем е во тоа што земањето на свидетелството не е опционална одлука. Свидетелството е задолжителен документ и е доказ за успешно завршена година. Учениците се лишени од избор – тие мораат да платат доколку сакаат да ја завршат учебната година“, се наведува во соопштението од Сојузот на средношколци.

Оттаму додаваат дека наплаќањето од средношколците за издавање свидетелства го загрозува јавниот и бесплатниот карактер на државното образование, а појавите се спротивни на став 2, член 3 од Законот за средно образование.