Сојуз на средношколци: Државата има законска обврска да ја спроведе државната матура во предвидениот рок

Законот за средно образование го смета одржувањето на матурскиот испит на крајот од секоја учебна година како должност на институциите

Фото: Antoine Dautry on Unsplash

Одржувањето на државната матура е законска обврска и оттука македонската држава е должна истата да ја спроведе во законски предвидениот рок, реагира Сојузот на средношколци откако вработените во Државниот испитен центар (ДИЦ) вчера најавија дека ќе продолжат со штрајкот, со што одржувањето на матурата во предвидениот рок се доведе до прашање.

Средношколскиот сојуз вели дека правото на штрајк е уставно загарантирано, но исто е и правото на образование. Законот за средно образование го смета одржувањето на матурскиот испит на крајот од секоја учебна година како должност на институциите.

„Како што кажавме и порано, ако не се одржи државната матура, ќе се создадат огромни проблеми за оваа генерација матуранти кои планираат да студираат во високото образование. Можното неодржување на државната матура најмногу ќе им наштети на матурантите кои планираат да студираат во странство, а според нашите анализи овој број изнесува 12 отсто од секоја една генерација. Токму затоа ја потсетуваме јавноста на нашиот ангажман во месец март за соодветно адаптирање на државната матура во интерес на сите средношколци и го повторуваме нашиот апел возрасните да не ја доведуваат иднината на овие матуранти под прашање“, се вели во соопштението на Средношколскиот сојуз.

Од таму велат дека според нивните информации, најверојатно ќе се успее во напорот првиот екстерен испит да се полага на 27 мај, како што е и планирано.

Матурските тестови не се испечатени, нема да се стаса за полагањето на 27 мај