Софтверот кој открива плагијати слаб, државата и професорите немоќни

Фото илустрација. Фото: Antonio_Diaz на Canva

Македонија има само едно свое оружје за борба против плагијатите, кое е слабо, честопати нефункционално и неспособно да ја врши својата работа. Порталб.мк наиде на големи препреки, но успеа да се регистрира во софтверот плагијати.мк. Способноста на менторите да дефинираат дали студентите сами го сработиле и го напишале својот труд е исто така слаба, за што доказ е фактот што бизнисот со трудови на интернет цвета. Истражувачот Борјан Ѓузелов вели оти професорите немаат способност да откријат дали некој студент сам го напишал трудот, а пак некои од нив самите ги објавуваат трудовите во списанија.

„Да се ​​докаже ова е тешка, сериозна и напорна задача“, изјви министерката за образование и наука, Весна Јаневска, во говорот во кој зборуваше за добивање на дипломи без заслуга преку разни купопродажни трансакции.

Според законот, во нашата земја менторите се обврзани да го проверат трудот на студентот во државниот софтвер за плагијат плагијати.мк за да видат дали е плагијат или дали се совпаѓа со некоја од делата веќе објавени во овој софтвер.

Но, и тоа не е направено како што треба. На пример, иако е законска обврска, државата нема назначено одговорно лице кое ќе следи дали сите професори ги проверуваат трудовите со овој софтвер.

За појаснување, овој софтвер не може да открие дали студентот го украл трудот и го превел од некој странски јазик, туку само дали објавениот труд е компатибилен со труд кој претходно бил објавен во софтверот, на истиот јазик.

Овој софтвер функционира полни 12 години. Информациите до кои дојде Порталб.мк покажуваат дека има и ментори кои воопшто немаат корисничка сметка во овој софтвер и покрај тоа што секоја академска година менторираат по десетици студенти.

Фото: Принтсткрин од plagijati.mon.gov.mk

„За вршење на научно-истражувачка дејност во РСМ Министерството обезбедува услови за формирање и одржување на база за проверка на плагијат на магистерски, специјалистички и семинарски трудови“, се вели во член 54 од Законот за истражувачка дејност.

Со законот се определени и законски рокови колку дена пред одбраната на трудот менторот е должен истиот да го провери во оваа база. На пример, таму пишува дека „докторската труд мора да биде ставен на базата на податоци за докторски трудови најмалку 30 дена пред одбраната на докторската теза“.

Порталб.мк во продолжение ви претставува податоци околу тоа колку е употребен овој софтвер.

„Софтверот не е функционален и професорите не го користат “, изјави за Порталб.мк Борјан Ѓузелов, истражувач и политиколог.

Покрај тоа, на Инстаграм и на другите вебстрани како што е Pazar3.mk продолжува масовната продажба на магистерски, докторски и семинарски трудови. Цените се движат од 100 до 500 евра по труд.

Фото: Скриншот од Pazar3.mk

Менторите добро да ги отворат очите

Од Министерството за образование и наука се правдаат. Според нив, последниот и најважен збор за тоа дали трудот е плагијат го имаат менторите, бидејќи на софтверот не може да му се верува сто проценти.

„Плагијати.мк е алатка која помага да се открие плагијат од една огромна база на трудови, но не може 100% да каже дали некој документ е плагијат или не. Ова е одлука на менторите“, велат од Министерството за образование и наука за Порталб.мк.

Според Министерството за образование и наука, покрај професорите и универзитетите имаат прописи со кои прецизно се дефинирани критериумите за изработка на трудот и се дефинира во каква форма се ставаат цитатите, во каква форма се става изворот на цитатот за да не се сметаат за „плагијат“.

Но, од таму не коментираат како е можно никој да не следи дали менторите ја исполнуваат или не својата законска обврска и ги проверат трудовите на студентите во овој софтвер, туку тоа останува на „совест на менторите“.

Според добиените информации универзитетите имаат регулативи и начини за „борба“ со плагијатот, но тие се слаби, или главно само на хартија, не се спроведуваат во пракса. Како резултат на тоа ниту еден од универзитите нема статистички податоци за тоа колку плагијати се откриени низ годините.

Многу магистри и докторанти, слаб квалитет

Поплаки за недостигот на квалитетни кадри има и од јавниот, но и од приватниот сектор.

„Дека се делат неквалитетни дипломи секојдневно сведочат голем број на луѓе кои се поставени на различни работни места во администрацијата“, рече министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

Илјадници магистри и стотици доктори на науки секоја година дипломираат во нашата земја. Порталб.мк подготви инфографик со податоци за ова.

Повеќето од нив дипломираат на државни универзитети.

Борјан Ѓузелов веќе неколку години, меѓу другото, истражува и проблеми во високото образование во земјава. Тој вели дека голем дел од професорите освен што немаат академски интегритет, објавуваат трудови во предаторски списанија.

„Нашите професори речиси никогаш не објавуваат трудови во висококвалитетни меѓународни списанија. На пример, пред неколку години, една професорка на мојот факултет јавно изјави (се разбира од незнаење) дека плаќа за објавување во таканаречени предаторски списанија каде што академските критериуми целосно се надминуваат преку „купување“ на простор во овие списанија“, изјави Ѓузелов за Порталб.мк.

Фото: Борјан Ѓузелов, политиколог

Според него, и студентите и професорите претежно се „борат“ само за академски титули, а не за квалитативно образование.

„Добар дел од студентите и професорите повеќе се борат за дипломи и академски титули, поточно за академски титули на хартија отколку за вистинско знаење и академски развој. И на приватните и на државните факултети имаме примери каде што не само студентите, туку и членовите на академскиот кадар имаат сомнителни научни, магистерски и докторски трудови, кои треба што поскоро да бидат разгледани од професионални и независни комисии“, рече Ѓузелов.

Според Ѓузелов студентите се најмалку виновни. Тој вели дека покрај професори во РСМ имаме многу членови на Владата кои дипломирале на универзитети кои, според него, се познати по пазарите за купување на дипломи.

„Исто така, загрижувачки е фактот што имаме членови на Владата, пратеници и други функционери, кои ги завршиле студиите на приватните универзитети кои се познати како пазари за купување на дипломи. Значи, јасно е дека рибата смрди од глава – пред да почнеме да се бориме против плагијатите и огласите за купопродажба на академски трудови, треба да се погрижиме да имаме минимум интегритет меѓу образовниот кадар и  на ниво на целата држава“, додаде Ѓузелов.

Во последно време Просветниот инспекторат интензивно работи во истражување на прекршоците на повеќето универзитети, и во последните шест месеци овој инспекторат има обработено вкупно 1.400 предмети.