Бугарското министерство за надворешни работи (МНР), раководено од Теодора Генчовска, која е во оставка, соопшти дека испратило нота до МНР на Северна Македонија „во врска со констатираните инциденти и пароли во последните денови во јавниот простор на соседна Република Северна Македонија насочени кон Бугарија“.
Во соопштението на бугарското МНР се вели дека станува збор за појави што се предизвикани од „распространуваниот антиевропски наратив против зацврстувањето на добрососедските односи меѓу двете држави“.
„Во неа се изразува длабока загриженост поради тоа што се случува, што е одговор на распространуваниот антиевропски наратив против зацврстувањето на добрососедските односи меѓу двете држави. Особено загрижувачко е што злонамерните пројави во јавниот простор ескалираат во момент кога Софија и Скопје активно бараат пат кон конструктивен дијалот и изнаоѓање трајни обострано прифатливи решенија во интерес на европската интеграција на Република Северна Македонија и регионот“, соопштува бугарското МНР.
Во известувањето се нагласува и дека МНР на Бугарија верува оти ваквите појави ќе станат дел од минатото „а нашите две држави ќе успејат да отворат нова страница во меѓусебните односи, заснована на взаемна почит и искрено пријателство“.
Инаку, бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска е дел од партијата „Има таков народ“ на Слави Трифонов која негува исклучително тврди ставови кон Македонија и се обвинува дека е под влијание на Москва.