Фото: Министерство за правда

Над две третини од граѓаните поддржуваат онлајн работа на Собранието, но 37 отсто од нив сметаат дека онsobranieлајн треба да работат само пратениците кои се позитивни на ковид-19 или се во самоизолација. Една четвртина од испитаниците, пак, сметаат дека тоа не е потребно. Ова го покажува теренската анкета за перцепциите на граѓаните за работата на Собранието, која Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ ја спроведе во периодот од 17 февруари до 10 март 2021 година на примерок од 1.010 испитаници, во рамки на Програмата за парламентарна поддршка (ПСП), финансирана од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка.

На скала од 1-10 при што 1 значи најниска доверба, а 10 највисока доверба испитаниците се изјаснувале за нивната доверба во најзначајните институции во политичкиот систем: Претседател на држава, Влада, Собрание и судство. Сите институции добиле просечни оценки под средината на скалата, при што Владата и Собранието се оценети речиси исто. Највисока оценка на доверба добил претседателот на државата – 4,5, следува Владата со 4,3 и Собранието со 4,2. Најниска оценка на доверба доби судството со 3,1.

Споредено со минатата, 2020, година може да се забележи дека оценките кои граѓаните ги дали тогаш за овие институции, се многу блиски со оценките во 2021.

Единствено претседателот на државата во 2021 (4,5) добил пониска оценка споредено со 2020 (4,6), што всушност претставува и најниска оценка која оваа институција ја има добиено во последните четири години (5,6 во 2019 и 5,1 во 2018).

Генерално, доколку се земат во предвид анализите од 2019 и 2018 година, може да се забележи дека оценките на сите институции, се значително намалени во последните две години, 2021 и 2020.

Перцепцијата на граѓаните е дека извршната власт има поголема контрола врз Собранието отколку што Собранието ја контролира Владата, како што е предвидено според Уставот. Помалку од две третини, односно 60 отсто, од испитаниците изјавиле дека Владата има целосна или делумина контрола врз Собранието.

Дури 74 отсто од испитаниците се согласуваат со изјавата дека политичките кризи треба да се решаваат во Собранието, наместо на затворени средби меѓу раководствата на политичките партии.

Мнозинството сметаат дека животот во државата се движи во погрешна насока (51 отсто, додека за 37% од испитаниците животот се движи во правилна насока. Најголеми песимисти во однос на ова прашање се граѓаните од Вардарскиот регион во државата.

Перцепцијата за учество на јавноста во работата на законодавниот дом, како еден од механизмите за поголема отчетност, транспарентност и одговорност на самата институција кон граѓаните е исклучително ниско. Дури 93 отсто од испитаните граѓани досега не се обиделе да учествуваат во работата на Собранието, што меѓу другото се должи и на релативно ниското ниво на информираност (20 отсто) за тоа кои се механизмите за учество. Половина од граѓаните (55 отсто) имаат впечаток и дека Собранието до извесна мера е непристапно за учество на јавноста во неговата работа.

Над две третини од граѓаните сметат дека избраните претставници во Собранието секогаш тргнуваат од своите лични (70 отсто) или интересите на својата политичка партија (76 отсто), додека половина од граѓаните (52 отсто) сметаат дека пратениците само понекогаш ги имаат предвид интересите на граѓаните.

На скала од 1 – најлошо, до 5 – најдобро, граѓаните во 2021 година ја оцениле работата на Собранието со средна оценка 2,6, што е на исто ниво со 2020 година, но бележи благ пад на скалата, споредено со изминатите 3 години.