„Social Day“: Младите имаа можност да работат на различни позиции на еден ден

фото: Младите можат

Вчера по вторпат во земјава се реализираше настанот „Social Day“, ден кога младите луѓе заменуваат еден ден на училиште за работа која тие ја бираат, односно донираат дел од своето време и својата дневница за младински проекти. Организатор на настанот е Здружението на граѓани „Младите можат“.

На годинешниот „Social Day“ 90 средношколци беа дел од општествената промена и активистичко движење, при што преку 8 часа работа на различни позиции овозможија промена и придонесоа кон остварување на проекти создадени од и за млади. Истовремено, 30 домашни компании и организации се приклучија кон формирањето на младинскиот фонд преку обезбедување на работни позиции за младите.

„Денес мојата позиција е Асистент за дигитален маркетинг во Skala School. На почетокот на денот се надевав дека ќе имам вистински увид и пракса во тоа што значи да си дигитален маркетер. На крајот од денот, можам да кажам дека сите мои очекувања се исполнија. Се запознав со одговорностите и кои предизвици можам да ги очекувам додека работам. Работната позиција беше креативна, онака како што и очекував“, изјави вчера Теодора Тодорова, учесник на „Social Day“.

Маја Трајковска, која во текот на вчерашниот ден преземала една од улогите во Одделението за животна средина во Општина Центар, вели дека се запознала подетално со тоа како изгледа еден работен ден во општината.

„Сметам навистина дека Social Day е одлична можност за да видиме како практично се одвива некоја работна позиција за која сме заинтересирани“, рече Трајковска.

Со работата во невладиниот сектор се запознал младиот Петар Мицкоски, кој бил на позицијата проектен асистент во Граѓанската организација LEAD.

„Благодарение на мојата позиција за време на Social Day, успеав да научам повеќе за пишување на проекти, концепт проекти, начин на аплицирање“, изјави Мицкоски.

Можност да работи 8 часа на позицијата службеник за човекови права во Канцеларијата на Постојаната координаторка на Обединетите нации имала Тамара Пунтеска, која вели дека е среќна што добила ново знаење и искуство што ќе ѝ помогне во кариерата.

„Претставуваше голем предизвик за мене да работам во организација која има свои претставништва на секаде во светот, но од друга страна чувствував голема мотивација за успешно да ги завршам работните задачи“, рече Пунтеска.

Од „Младите можат“ велат дека се очекува во наредниот период да биде формиран младинскиот фонд и да се дознае колку ќе изнесува неговата парична вредност, по што ќе следува повик за поддршка на младински проекти и кога токму младите ќе можат да поднесат идеја за подобрување на одреден младински предизвик во нивната заедница, но и да добијат финансиска и менторска поддршка за реализација на проектите.