Собранискиот клуб за младински прашања е невидлив, пратениците се занимаваат со дневно-политички поентирања

Фото: Принтскрин од настанот

Клубот за младински прашања и политики во Собранието, составен од млади пратеници е недоволно видлив во јавноста, а младите пратеници се најчесто преокупирани со дневни политички случувања, наместо со конкретни младински прашања. Додека пак, младите треба активно да ги адресираат нивните прашања и барања токму до младите пратеници. Ова е генералниот заклучок од денешниот настан фокусиран за поголемо запознавање на јавноста и пред сè на младите со активностите и улогата на клубот, кој го организираше Фондацијата Конрад Аденауер во соработка со собранискиот Клуб за младински прашања и политики.

На настанот првенствено се обрати официјалниот претставник на Фондацијата Конрад Аденауер, Даниел Браун кој истакна дека ситуацијата со пандемијата несомнено ги стави на пиедесталот повозрасните лица во општествата бидејќи е неопходно.

„Имам импресии дека исто е потребно да се осврне внимание и на помладите особено во однос на креирање на иднина по пандемијата, што мислам дека не е во фокусот колку што е навистина неопходно. Сметам дека Клубот за млади пратеници е добар пристап затоа што покрај пандемијата, има многу политички дилеми кои што треба да бидат нагласени од аспект на младата генерација“, изјави Браун.

Претседателот на Националниот младински совет на Македонија, Бојан Петровски се осврна на самиот наслов на настанот „Клуб за млади или Клуб на млади?“ и како што рече, зошто тој Клуб да не ги врши и двете функции.

„Клуб за млади е она што е формирано како тело на млади пратеници коишто треба да придонесуваат и да ги застапуваат младинските прашања и интереси. Проблематичен е другиот дел, односно Клубот на млади, коишто го сочинуваат млади пратеници. Од осамостојувањето на државата, па досега сме имале околу 42 млади пратеници што е 4,2 отсто пратеници по мандат, што е мал катастрофален број што укажува на многу работи, вклучувајќи ја и довербата и перцепцијата на младите за функционалноста на Собранието. Токму овие млади пратеници можат да ја сменат оваа цела слика за како пратениците треба да се борат за правата и како да ги застапуваат младите“, рече Петровски, кој дополни дека на овие пратеници треба да им биде задоволство и одговорност таа доверба што им е дадена, а да не биде должност.

Петровски исто така напомена дека не само во Собранието, туку и во медиумскиот простор на младите пратеници не им се дава можност и не е наметната темата за млади, бидејќи најчесто разговарале за други општествено важни теми во државата.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски се согласи со Петровски надоврзувајќи се дека тешката стартна позиција за овој Клуб е што во поранешниот парламентарен состав овој Клуб немал висок степен на видливост, за што голема улога играле и медиумите.

„Дебатите коишто се организираат во медиумите се најчесто на дневно политички теми бидејќи се од интерес на поголема гледаност. Досега не сум видел повидлива дебата на национална телевизија поврзана со младински политики каде што ќе може пред јавноста да дебатираме, со што ќе се даде афирмација за сработеното. Предност за овој Клуб би било ако навистина се фокусира на младинските политики, наместо на дневните случувања“, рече Муцунски.

Моника Зајкова, млада пратеничка од Либерално демократска партија истакна дека во државата постојат четири вида млади и тоа: млади луѓе коишто не се заинтересирани за политика, млади кои се набљудувачи на процесот и знаат некои основни работи, млади кои сакаат да се вклучат но не знаат, како и оние млади како нив, на кои им се дава довербата да ги застапуваат младите.

„Ние многу често зборуваме како и што треба, но морам да бидам искрена дека во Парламентот фокусот не е баш ставен на приоритетите на младите и дека ние иако сме млади пратеници не секогаш сме ориентирани кон овие прашања, а за тоа укажува и фактот што досега се одржале две јавни расправи што не ги потценувам, но сега ќе ги видиме резултатите од тие дебати“, посочи Зајкова и ги повика младите директно да ги доставуваат прашањата што ги засегаат со цел тие да знаат што навистина им треба на младите, без тоа да го наметнуваат самите пратеници.

Јован Јаулески пратеник и координатор на Клубот за младински прашања и политики потенцираше дека Клубот треба да се фокусира на имплементација на веќе донесениот Закон за младинско учество и младински политики, кој според него претставува добра основа за младите да се вклучат во процесот на донесување на одлуки, како на локално така и на централно ниво.

„Она што како млад пратеник ме загрижува е имплементацијата и пробивањето на роковите коишто се случуваат од страна на институциите и затоа апелирам до невладиниот сектор, заеднички да го зголемиме притисокот кон оние што треба да ги реализираат предвидените активности од Законот“, рече Јаулески.

Пратеничката од ДУИ, Фиснике Бектеши Шаќири рече дека како млади пратеници треба да се ангажираат за интеграција и развој на капацитетите на младите, но и нивно вклучување во донесувањето политички одлуки.

„Треба особено да се обрне внимание на младинското учество и донесувањето одлуки во интерес на младите и реализација на нивните барања. Младите треба да се вклучат во политичкиот живот, да покажат интерес и да покренат иницијативи во однос на сите млади без разлика на економскиот, социјалниот статус, родовиот идентитет или политичката определеност. Нивната улога на локално и централно ниво во креирањето на политки е многу важна бидејќи младите во минатото не беа консултирани. Токму затоа треба да учествуваме и да целиме кон демократизација на институциите и донесување на локални политики на основ на барања на младите“, изјави Шаќири.

Пратеничките Артина Ќазими од Алијанса на Албанците и Сафије Садики Шаини од Алтернатива согласни се дека пандемијата несомнено влијае врз младите, не само од аспект на физичко и ментално здравје, туку и врз нивната егзистенција и социјалниот живот. Според нив, по пандемијата овие прашања би требало да бидат во фокус, со цел подобрување на статусот на младите во општеството.

Панелистите на настанот се согласија дека помеѓу нив постои комуникација, но кога станува збор за усогласување со иницијативи, има потфрлување во целиот процес.

Инаку, Собранискиот Клуб за младински прашања и политики по примерот на Европскиот парламент и останатите западноевропски парламенти за првпат беше формиран во 2017 година. Подоцна во 2019 година, тој е формиран со нови млади пратеници – претставници.

Клубот е неформално тело составено од членови на сите парламентарни партии чија што цел е остварување на интересите на младите во РСМ, во соработка со младинските организации, неформалните младински групи и партиските подмладоци.

Денешниот настан го модерираше Иван Јованов, извршен директор на Лидери за едукација, активизам и развој (LEAD).