fbpx

Собраниската расправа за ребалансот на буџетот ќе почне на 1 јули

-

Расправата во Собранието на РСМ за ребалансот на годинешниов државен буџет ќе започне на 1 јули. На парламентарната веб-страница за овој датум е закажано заседанието на Комисијата за финансирање и буџет. Со буџетскиот ребаланс, предвидено е зголемување на приходите и расходите за оваа годинава, но и пораст на буџетскиот дефицит.

Според објавениот Предлог за изменување и дополнување на Буџетот на РСМ за 2021 година, вкупните приходи се зголемени од 212 милијарди на 222,6 милијарди денари. Владата предлага расходите да пораснат на 268,8 милијарди денари, односно буџетскиот дефицит да изнесува 46,2 милијарди денари.

„Приоритетите до крајот на 2021 година ќе бидат насочени кон справување со последиците од пандемијата, преку зголемување на обемот на инвестициите со директна поддршка на активностите на компаниите, отворање на нови работни места преку активните мерки за вработување, како и поддршка и развој на микро, мали и средни претпријатија. Ова подразбира дека поддршката ќе се реализира преку креирање развојни фондови и слични инструменти за поддршка на извозни компании, мали и средни претпријатија, како и социјални претпријатија“, се наведува во доставениот предлог на Владата до Собранието на РСМ.

Во делот на капиталните расходи во државниот буџет, со ребалансот тие се планирани на ниво од 30,6 милијарди денари или за 6,5 милијарди денари повисоки во однос на планот за 2021 година. Порастот од 27,1 отсто на капиталните расходи е резултат на обезбедување на потребните средства за реализација на: Кредити со 0 отсто камата преку Развојната банка, за најпогодените сектори од областа на туризмот, занаетчиството, угостителството, транспортот, индустријата за организација на настани, приватните здравствени установи и др; Кредитна гарантна шема преку Развојната банка во периодот април-октомври 2021 година; и Формирање на Фонд за поддршка на извозни компании преку Развојната банка.

Воедно, кај буџетските корисници планирано е обезбедување на дополнителни средства за капитални инвестиции за реконструкција на јавните здравствени установи, капитални инвестиции во областа на детската и социјалната заштита, патната инфраструктура, како и зголемен износ на средства за рурален развој.

Проекцијата за раст на БДП со ребалансот останува на 4,1 процент.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...