Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната седница на Собранието на Република Македонија, ги одби предлог-измените на Законот за помилување, кои ги предложи опозицијата.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Горан Сугаревски рече дека по срамната одлука на Уставниот суд за укинување на измените на Законот за помилување од 2009 година, на претседателот му е дадена можност да помилува лица гонети и осудени за изборен криминал, педофили и нарко дилери.
– Преку ова дополнување ќе се пополни празнината и ќе се спречи претседателот да го злоупотреби институтот помилување. Со измените е предвидено, претседателот да го наведе името и презимето, како и делото на помилувањето и ќе се спречи тој да помилува исти лица во период од 20 години. Во законот е предвидено да не смеат да се помилуваат лица кои направиле особена општествена опасност. Тука зборуваме и за организатори на изборен криминал, а не силеџии на избори. Ако не го поддржите овој закон, значи дека сте соучесници во срамната одлука на Уставниот суд – рече Сугаревски.
Вкупно 55 пратеници гласаа против овие измени.
На денешната седница на Собранието, треба да се разгледува и Извештајот на Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, но пратениците ја преместија од прва точка, за последна од дневниот ред.
Моментално пратениците расправаат дали треба да се продолжи кризната состојба на границите.