Владејачкото мнозинство во Собранието денеска ги одби предлозите за измени на Законот за СЈО (за продолжување на рокот за истрагата) и на Законот за заштитени сведоци.

За разгледување на измените на Законот за СЈО гласаа 36 пратеници, а против беа 54, додека за измените на Законот за заштита на сведоци гласаа 42 народни избраници, а 52 беа против. Со ова Собранието не ги усвои предлозите за изменување на овие два закони.

Предлозите за измена на законите ги образложи пратеникот на СДСМ, Петре Шилегов, нагласувајќи дека тие се во интерес на непречено водење на истрагите на СЈО, со кои треба да покажат кој го вршел прислушувањето, по чиј налог и за чии потреби. Тој рече дека нивните очекувања се дека владејачкото мнозинство нема да ги поддржи предложените измени и ги повика да гласаат бидејќи и во нивен интерес е да се даде одговор на прашањето дали имало „жолти комбиња“, дали имало „чадори“ и дали имало меѓународен заговор против Македонија.

– Вие колеги од ВМРО-ДПМНЕ имате лична одговорност во врска со овие прашања. Или ќе го расчистите ВМРО-ДПМНЕ од криминалното раководство или ќе го ставите во историјата како партија која ги нарачала прислушуваните разговори. Мора да мислиме на нешто што е поголемо од интересите и на вашата и на нашата партија, а тоа е иднината на Македонија – изјави Шилегов, кој истакна дека политичката кризата мора да има и соодветна правна разврска.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, по гласањето, во изјава за медиумите, рече дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ денеска останале на претходно изнесениот став дека нема да прифатат никакво барање од СЈО и никакви нови договарања, преговарања и продолжувања на рокови кои се надвор од Договорот од Пржино.

Тој рече дека сè што било поставено како приоритет од сите партии вклучени во разговорите е исполнето. Димовски нагласи дека е нелогично СЈО, кое Собранието го нарече нелигитимно, да бара од истото тоа Собрание да носи вакви закони.

– Самото тоа што овие предлози доаѓаат од СДСМ е јасен доказ дека оваа партија и СЈО се синоними и дека СЈО работи во полза на кампањата на СДСМ – рече Димовски, додавајќи дека и во иднина ќе гласаат против и нема да поддржат вакви барања од СЈО.

На новинарско прашање дали кај владејачката партија постои страв дека нивни членови ќе бидат гонети од СЈО и затоа не го поддржуваат законот, Димовски одговори дека не им е страв и дека никој не е над Уставот и над Собранието.

– Тој што мисли дека е над нив, ќе ја добие лекцијата што беше испорачана денеска – заклучи Димовски.