Собранието го усвои ребалансот на буџетот за 2018 година


       
Скопје, 12 ноември, 2018 - 9:33 (META) 

Собранието го усвои ребалансот на буџетот за 2018 година, а целта, како што истакна министерот за финансии Драган Тевдовски, е да се направат корекции на расходната страна за да се обезбеди финансиска поддршка за општините со цел отплата на дел од долговите.

– Се обезбедува финансиска поддршка на општините во висина од 3,020 милијарди денари, со цел намалување на доспеаните а неплатени обврски на општините и единките корисници основани од единиците на локалната самоуправа од областа на образованието, културата, детската и социјалната заштита – рече Тевдовски.

Владата усвои предлог-законско решение со кое овие средства ќе бидат сразмерно распределени на општините, во износ од 51 проценти од пријавените доспеани, а неисплатени обврски. Со законското решение ќе се постави и механизам за спречување на можноста за трупање неплатени обврски во општините.

Со ребалансот приходната страна на буџетот е незначително коригирана, за 0,5 проценти надолу. Ова е резултат на намалувањето на приходите што ги остваруваат буџетските корисници на сопствените сметки и благ пораст на социјалните придонеси.

Расходната страна на буџетот е корeгирана надолу за 1,2 милијарди денари, односно за 0,5 проценти. Нивото на буџетски дефицит е задржано на 2,7 проценти од домашниот бруто-производ (БДП). Со ова се задржува определбата за постепена фискална консолидација.

Со предлог-ребалансот ревидирана е проекцијата за раст на БДП на 2,8 проценти. Како што беше посочено, тоа се прави пред сѐ заради блокадата за влез во НАТО и ЕУ од страна на опозицијата. Интеграцијата на земјава носи безбедност и сигурност, кои се најважни при носењето одлуки од страна на инвеститорите. Неизвесноста може да влијае негативно на економијата.