Собранието го одби амандманот на О2 Иницијатива за поставување филтри на оџаците на јавните институции

Фото: Арбнора Мемети

Екологистите се незадоволни од распределбата на средства во Буџетот за 2021 година кои се наменети за животна средина и борба со аерозагадувањето. Еден од најголемите еколошки предизвици во земјава, високите концентрации на ПМ 10 и ПМ 2,5 е нашата реалност и годинава. Планот за чист воздух донесен пред две години не даде доволно резулатати, а како последица на тоа жители на многу градови во земјава и годинава дишат отровен воздух. Изминатите денови Кавадарци, Куманово и Тетово беа првите општини кои се соочија со загадување над дозволеното кое траеше повеќе од три дена, заради што во овие градови во сила стапија и посебни мерки.

Во меѓувреме, во Собранието започна десетдневната расправа во Комисијата за финансирање и буџет каде се разгледува Буџетот за 2021 година. Дел од над 500 амандмани, поточно 15 амандмани и 2 предлози се поднесени врз основа на предлози на еколошките активисти од О2 Иницијативата. Се однесуваат на зголемување на средствата и активностите за екологија, а особено за оние за намалување на аерозагадувањето и решавањето на жешките точки.

„Иако имавме само неколку денови на располагање за да го разгледаме предлог буџетот за идната година и да доставиме наши предлози, сепак, сметавме дека овие 15 амандмани се однесуваат на многу важни еколошки прашања и очекуваме да бидат сериозно разгледани од институциите. Амандманите се однесуваат на решавањето на депониите, за изработка на неколку студии, за подновување на мерните станици и набавка на инструменти, за ажурирањето на катастарот на загадувачи и акредирација на државна лабораторија. Исто така го поддржуваме и барањето за вработување на осум инспектори во Државниот инспекторат за животна средина. Имавме и амандман кој се однесуваше на поставување на филтри на јавни институции кои се загреваат со фосилни горива, но тој веќе помина во расправата и беше одбиен“, информираат од О2 Иницијатива.

Во овие околности, сметаат екологистите, само 0,49 отсто од средствата на државната каса да се намени за заштита на животната средина е недозволиво. Активистите посочуваат дека од даноците за животна средина секоја година се собираат десет пати поголеми средства од оние кои се одвоени во Буџетот за 2021 година за намалување на загадувањето, заштита на животната средина, управувањето со отпад и отпадните води. Тие апелираат итно да биде формиран Фондот за животна средина, прку кој ќе се обезбеди наменско трошење на овие средства.

Тие апелираат дека Фондот за животна средина е неопходен, бидејќи без наменско трошење на средствата за еколошки проекти, сликата со загадувањето ќе остане неизменета. Секоја година, велат, трошки ќе се делат за огромните проблеми со кои се соочуваме во воздухот, водите, почвите, шумите, природните богатства, жешките точки ќе стојат нерешени со децении, а тоа не смее да се дозволи.