Со 71 пратенички глас „за“ без против и без воздржани, денеска Собранието на РСМ го усвои Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство.
Целта на законот е превенција и спречување на родово базирано насилство врз жените и семејното насилство, ефективна заштита на жртвите од било каков облик на родово базирано насилство врз жени, како и на жртвите на семејно насилство со почитување на основните човекови слободи и права загарантирани со Уставот и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.
Законот под терминот „жена“ ги опфаќа и девојчињата под 18 години, а одговорни за негово спроведување ќе бидат министерствата за труд и социјална политика, здравство, внатрешни работи, правда, како и Собранието, градоначалниците, општините, невладините организации и здруженија.
Со овој закон, предвидено е горенаведените министерства, центрите за социјална работа, обвинителствата, општините, да се казнат од 1.000 до 5.000 евра ако не постапат по точните надлежности што им ги дава законот.
Додека пак, раководителите во центрите за социјална работа, до министри, обвинители и други раководни лица во државните органи, ако не постапат со жртвата на семејно насилство како што пишува во законот, или ако не обезбедат услови и политика како што е прецизно напишано како нивна одговорност ќе се казнат со парична казна од 100 до 500 евра.
Освен ова, синдикатите ќе мора да прават истражувања за насилство врз жените на работните места, а газдите на фирмите кои имаат повеќе од 10 вработени ќе мора да организираат обуки за родово базирано и семејно насилство.
Судовите и обвинителствата пак, ќе мора да водат посебна статистика за семејно и за насилство врз жените.
Медиумите, наставниот кадар, Агенцијата за медиумски услуги, но и црквите и џамиите имаат обврска да промовираат политика против овој вид насилство и да не ја одобруваат. Верските заедници ќе бидат казнети ако поддржуваат насилство врз жената.