Пратениците во Собранието со 61 глас „за“ го изгласаа предлогот за распишување оглас за именување нов државен јавен обвинител. За време на гласањето, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија салата.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, побара гласањето да биде в понеделник, бидејќи претходно со претседателот на Собранието, Талат Џафери, констатирале дека нема мнозинство.
Ставањето на оваа точка на гласање, за Димовски е изигрување на дадениот збор од страна на Џафери дека седницата ќе продолжи в понеделник.
– За нас ова е прекршување на членот 8а од Изборниот законик. Ве информираме дека ако го прекршите дадениот збор дека седницата ќе ја продолжите в понеделник, за време на гласањето ќе излеземе надвор од салата – изјави Димовски.
Џафери му одговори дека по разговорот со него, координаторите на пратеничките групи го информирале дека парламентарното мнозинство е обезбедено и затоа свикал седница.
По завршувањето на гласањето, Џафери констатираше дека Собранието огласува именување на јавен обвинител на Република Македонија.
По гласањето за оваа точка, претседателот на Собранието даде 15 минути пауза за да се координира со координаторите на пратеничките групи, за продолжението на седницата.