fbpx

Собранието ги одложи изборите – нема нов датум

-

Со 96 гласа „за“ и ниту еден против пратениците ги изгласаа измените на Изборниот законик, со кои се одложуваат изборите, кои претходно беа закажани за 5 јуни.

Нов датум не е утврден со измените.

На гласањето му претходеше жестока расправа, која траеше повеќе од еден час, а почна по обраќањето на пратеникот на ДУИ, Џевад Адеми, кој рече дека денешната одлука на Уставниот суд, која е прв чекор на решавањето на политичката криза, е заслуга на ДУИ, која „повторно ја спасува државата“.

Адеми ги повика двете најголеми политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да се вразумат и да покажат одговорност, додавајќи дека во спротивно Албанците во Македонија „имаат и други алтернативи“.

– Со тврдоглавост, нервоза и со терање инает ја донесовте земјата пред провалија. Не можеме секогаш да ве спасуваме, ние не можеме да ја плаќаме цената на вашата политичка неодговорност и сакам да ви дадам на знаење дека Албанците имаат и други алтернативи, доколку не ги послушате нашите повици – рече Адеми.

Пратеникот на СДСМ, Петре Шилегов, на ова реплицираше дека ДУИ едно зборува, но друго прави и дека со денешното гласање за смена на министрите на СДСМ во Владата, го погребале Договорот од Пржино.

– Меѓу двете најголеми политички партии, нема антагонизам и нетрпеливост, туку има нетрпеливост кон криминалната банда која со ова што го правите сакате да ја заштитите и да ги спасите и да не го видите Груевски во затвор – рече Шилегов.

На Адеми му реплицираше и координаторот на пратеничката група ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, кој рече дека со заканите Адеми ги преминал границите и исчекорил повеќе отколку што треба.

Координаторот на пратеничката група СДСМ, Горан Сугарески соопшти дека до Собранието поднеле барање за автентично толкување на Законот за помилување и ги повикаа колегите од останатите пратенички групи да го поддржат и да покажат дека се искрени кога зборуваат дека имаат намера да се најде решение на политичката криза.

Расправата потоа до крајот продолжи со меѓусебни препукнувања на релација СДСМ – ВМРО-ДПМНЕ за тоа кој колку е виновен за политичката криза.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 илјади гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...