Пратениците  во Собранието на пленарна седница ги изгласаа законите кои политичките партии, потписнички на Договорот од Пржино ги договорија во петокот.

Пратениците по скратена постапка гласаа за измени и дополнувања во Изборниот законик, за измени и дополнувања на Законот за кривична постапка, за законот за заштита на приватноста, за законот за заштита на укажувачите и за законот за влада.

Најголемите дебати се одвиваа за гласањето на дијаспората и за Законот за заштита на приватноста за кој дел од пратениците сметаат дека е лош закон кој ќе им штети на граѓаните.

Последна точка на дневен ред беше Законот за влада со кој е предвидено именување на нови министри и доплнителни заменици министри. За оваа точка пратениците воопшто не дебатираа и го изгласаа Законот со 98 гласа „за“ 8 „воздржани“ и ниту еден глас против.

Нареден чекор е потпишување на Указот од страна на претседателот на државата Ѓорге Иванов, а потоа се очекува Владата да ги предложи новите министри кои ќе бидат избрани и ќе дадат свечена заклетва во собранието.

Според неофицијални информации се очекува утре владата да одржи седница на која ќе ги предложи новите министри, Оливер Спасовски за министер за внатрешни работи и Фросина Ременски за труд и социјална политика.

Неофицијално дознаваме дека нов министер за информатичко оппштество, на местото на Иво Ивановски ќе биде досегашната заменичка, Марта Арсовска Томовска.