Собранието со 69 гласови „за“ попладнево ги изгласа измените на Законот за азил и привремена заштита, со кој на мигрантите им се овозможува легално да престојуваат на територијата на државата 72 часа, по што ќе мораат да ја напуштат или да побараат азил.
Законодавниот дом ги донесе измените по скратена постапка.
Пратеникот од Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, рече дека е добро што Македонија обезбедува услови да се прифатат мигрантите и се избегнува хуманитарен проблем, но и дека треба да се земе предвид безбедносниот аспект на оваа „хуманитарна катастрофа за која решенија бараат и ЕУ, како и други земји“.
– Добро е што мигрантите нема да бидат расфрлани по целата држава и нема да претставуваат опасност за државата. Ќе имаме точна контрола кој влегол во земјата – рече Трајанов.
Пратеничката Солза Грчева, која настапува од редовите на опозицијата, посочи дека законот е прв чекор кон подобрување на состојбата со мигрантите, но дека сепак тоа не е доволно. Таа побара шрифатниот центар за странци во Гази Баба да биде затворен поради лошите услови и да бидат отворени други прифатни центри.
Министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, во образложението на измените, ја истакна потребата од нив поради големиот наплив на мигранти со кој се соочува Македонија, а кој, според министерот, е неколкукратко зголемен во споредба со претходните години.
Како што рече Чавков, изминатите денови македонските гранични служби не дозволиле меѓу 2.000 до 3.000 мигранти да ја поминат границата и биле вратени во Грција, а во близина на нашата територија овој период биле забележани околу 25.000 лица, кои имале намера преку илегални премини да влезат во државата.
– Во првите пет месеци од оваа година, бројот на илегални мигранти што влегле во државата е тројно зголемен во споредба со истиот период од минатата година. Тоа укажува на сериозноста на ситуацијата. Овој проблем не потекнува од нас, како држава, туку во поголем дел од Грција, која не презема доволно мерки во врска со состојбите, па дури има и случаи каде замижува во однос на случаите. Невозможно е херметички да се затвори границата, туку е потребна соработка меѓу двете земји по ова прашање, која засега не е на високо ниво – рече Чавков при образложувањето на измените.
Во првите пет месеци од годината, МВР регистрирало околу 1.250 илегални мигранти, од кои околу 1.000 биле сместени во Прифатниот центар за странци.
Истовремено, неколкупати е зголемен и бројот на барања за азил, споредено со претходните години.
Со предложните измени во Законот за азил и привремена заштита, „му се овозможува на странецот на граничен премин или во внатрешноста на територијата на Република Македонија пред полициски службеник на МВР да искаже намера дека ќе поднесе барање за признавање право на азил и да биде упатен во рок од 72 часа да поднесе барање за признавање право на азил пред овластено службено лице на Одделението за азил во просториите на Прифатниот центар за баратели на азил“.
– Со измените, прво, ќе се намалат ризиците на мигрантите и тие ќе добијат документ со кој ќе можат легално да се движат во земјата. Второ, се очекува да се намали стапката на кривични дела поврзани со илегален транспорт на мигранти, односно тие нема да мора да се поврзуваат со лица со криминални намери за да ги остварат своите цели и, трето, ќе се овозможи полицијата да води посоодветна евиденција за овие лица – рече Чавков.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, денеска изјави дека тие и нивните коалициски партнери ќе му дадат поддршка на законот.
– Носењето на законот нема целосно да го реши проблемот, но ќе даде подобри насоки. Ставот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ е дека станува збор за глобален проблем за кој и земјите-членки на Европската унија не можат да најдат решение и да се усогласат меѓу себе – рече Димовски.
Тој побара состојбата со мигрантите да не се злоупотребува за дневно-политички пресметки.