fbpx

Собранието денеска треба да ја избере техничката влада

-

Според Пржинскиот договор од 2015 година, денеска, на 100 дена пред договорениот датум меѓу власта и опозицијата, премиерот Зоран Заев треба да поднесе оставка, со што ќе почне постапката за формирање на техничка влада, која треба да спроведе слободни, фер и демократски избори.

Собраниската седница треба да се одржи пред полноќ, за да може новата влада од утре да почне да функционира.  Засега од Собранието до медиумите стаса само најава за одржување на седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.

Постапката почнува со поднесување оставка на премиерот. Актуелниот премиер Зоран Заев тоа го најави за денеска. Потоа треба за тоа да го извести претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој треба да свика пленарна седница на која ќе се прифати оставката. Следниот чекор е известување од Џафери до шефот на државата, Стево Пендаровски, кој треба да му додели мандат на техничкиот премиер, кого го одреди власта, а опозицијата го прифати, односно Оливер Спасовски, досегашниот вицепремиер и министер за внатрешни работи.

Во техничкиот владин кабинет со којшто тој ќе претседава до формирањето на новата влада по изборите, договорени за 12 април, опозицијата, освен министер за внатрешни работи, предлага и министер за труд и социјална политика, како и дополнителни заменик-министри за финансии, информатичко општество и администрација и за земјоделство, а власта добива заменици во МВР и МТСП.

За министер за внатрешни работи, ВМРО-ДПМНЕ го предложи Наќе Чулев, професионалец од Агенцијата за разузнавање, откако СДСМ не го прифати претходниот предлог Драган Ковачки, армиски полковник, да биде на оваа функција, бидејќи станува збор за активно воено лице, што е спротивно на Уставот.

Рашела Мизрахи е предлогот на опозицијата за министер за труд и социјална политика, а за заменик-министер за финансии е предложена Гордана Димитриеска – Кочоска. Во Министерството за информатичко општество и администрација ВМРО-ДПМНЕ ја предложи Невенка Стаменковска – Стојкоски за заменик-министер, а во ресорот земјоделство, за таа функција го предложи Цветан Трипуновски.

Предлозите беа прифатени од СДСМ, која пак за заменик-министер за внатрешни работи ја предложи биде Славјанка Петровска, а за труд и социјална политика Санела Шкријејљ.

Согласно законот, техничкиот министер за внатрешни работи може да изврши најмногу 15 разрешувања или распоредувања, на пониско или повисоко место на носители на раководна позиција во МВР, а може да изврши и хоризонтални распоредувања на вработените кои се на негов предлог во бројката до 10 отсто од бројот на хоризонтални распоредувања базирани на просекот на овие распоредувања во 2013 и 2014 година. Чулев и Петровска ќе имаат врзани потписи, односно доколку некој акт е потпишан само од едното лице, тој нема да биде важечки.

Техничката влада се избира со просто мнозинство. Ова ќе биде втора преодна влада пред одржување предвремени парламентарни избори. Премиер на првата преодна влада формирана по Пржинскиот договор беше Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Атлантик: Со среќа во борбата против дезинформации

Угледниот американски магазин Атлантик објави опширен напис, во авторство на Квинта Џуресик, со наслов „Со среќа во борбата против дезинформациите“. Сторијата се однесува на Ник Сојер, доктор во Калифорнија....