Собранието денеска со големо мнозинство гласови (102) ја разреши специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Одлуката треба да биде верификувана од Советот на јавни обвинители кој за попладнево закажа седница.

Постапката за разрешување започна поради незаконито, несовесно и нестручно вршење на функцијата, откако Катица Јанева заврши во притвор како осомничена за случајот „Рекет“.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески рече дека СДСМ како партија и пратеничка група се одлучни и истрајни дека правда мора да има за секој што се огрешил пред законот. Тој ги обвини ВМРО-ДПМНЕ и претседателот на партијата Христијан Мицкоски дека работат по насоки од Никола Груевски за да се спасат обвинетите ексфункционери од нивната партија.

Тој додаде дека со ова делување на ВМРО-ДПМНЕ ги кочат евроинтеграциите процеси на државата.

– Тие сакаат по секоја цена да ги уништат истрагите против нив. Со нивното поведение свесно работат на штета на европските интеграции на државата. Од статусот на СЈО зависи дали ќе добиеме датум за преговори со ЕУ – рече Митрески.

Илија Димовски, претседателот на Комисијата за избори и именувања рече дека „секој правен експеримент, секое правно лудило завршува вака и она што се обидувате да го направите деновиве ќе заврши исто вака“.

– Секогаш кога државата не се држи до Уставот, кога Собранието носи неуставни Закони, вклучително и јас, кога Уставниот суд се прави дека не добил претставка и не се реагира дека СЈО излегува од уставните рамки ќе завршува вака со помали или многу големи последици по кревкото ткиво на правниот систем – рече Димовски за кого и префрлувањето на предметите од СЈО во ЈО е исто така „правно лудило, правна забеганост и експеримент“.