Соби во студентски домови и храна им понудил министерот Шаќири на турските студенти

Фото: Министерство за образование и наука

Бесплатно сместување во државните студентски домови, храна и бесплатна правна помош, им понудил министерот Јетон Шаќири на студентите од Турција во земјава, кои доаѓаат од погодените подрачја од земјотресите. Како што информираат во Министерството за образование и наука, ова се прави за да им се помогне полесно да го надминат тешкиот период во кој се наоѓаат поради огромните човечки и материјални загуби во нивните родни места.

„Многу од овие студенти загубија членови на своите семејства, ги загубија домовите, а некои загубија буквално сè и потребна им е поддршка. Дојдов да поразговарам со нив, да ги слушнам нивните потреби и секако да ги известам што ние како министерство можеме да понудиме, за да се ублажи ситуацијата во која се наоѓаат“, рече Шаќири.

Според информациите кои министерот ги добил од студентите, тие најчесто имаат
потреба од дополнителни финансии заради намалување на секојдневните трошоци кои, како што рече, нивната потпора во родните места, не е во можност да ги поддржи и покрие во моментот.

„МОН ќе поднесе и иницијатива до Владата за обезбедување на еднократна парична
поддршка за секој студент од погодените подрачја, но дополнително ќе ги известиме студентите за одлуката, бидејќи за овие фискални импликации, се консултираат повеќе страни и институции“, додаде министерот.

Во Македонија има околу 200 турски студенти кои доаѓаат од погодените подрачја и дел од нив веќе побарале одредена помош од факултетите каде што студираат.