Субвенции за 10 илјади домаќинства за купување на инвертери со ваучери во износ од една илјада евра по домаќинство е една од клучните мерки во борбата против аерозагадувањето кои владата ги прифати и ги спроведува, објави на денешната прес-конференција премиерот Зоран Заев. Целта е во наредните три години целосно да биде елиминирана употребата на печки на тврди и фосилни горива, како една од мерките што владата ги предвиде откако како еден од своите приоритети ја прогласи борбата со аерозагадување, рече Заев, наведувајќи ги притоа и останатите како што се замената на системите за греење во јавните институции, подобрувањето на јавниот превоз во Скопје, системот за третман на отпад и чистењето на згурите од „Топлификација“ и од „Југохром“.

Оваа владина мерка во првата фаза ќе биде финансирана од АД ЕЛектрани на РСМ со 618 милиони денари односно 10 милиони евра. Граѓаните ќе можат до добиените ваучери во износ од 60.000 денари да купат инвертери по свој избор кај некој од добавувачите на клима уреди во земјава.

„Сите детали од процедурата за аплицирање за добивање на ова субвенција ќе бидат објаснети во посебна јавна кампања. На оваа мерка се одлучивме бидејќи е една од најеколошките начини на загревање, а тоа го покажаа компаративните анализи, според кои едно просечно домаќинство во стан од 60 квадратни метри загревање со инвертер би го чинело 11.734 денари, драстично помалку споредено со загревањето со дрва кое чини 18.536 денари, со пелети 26.010 денари, со нафта 43.033 денари, а со панел радијатори 35.831 денар“, рече Заев.

Оваа владина одлука е прва фаза од спроведувањето на мерката со која со субвенциите ќе бидат опфатени граѓани од Скопје, Битола, Кичево и Тетово како најпогодени од загадувањето на термоенергетските комплекси на ЕСМ, а во наредните фази таа ќе продолжи со примена и во други градови во државата. Ќе се однесува за оние домаќинства кои користат енергетски неефикасни уреди за загревање, со што влијаат на зголемувањето на концентрациите на ПМ честичките.

„Мерката годинава не е задолжителна туку е доброволна и со неа ќе бидат опфатени оние домаќинства кои користат дрва или фосилни горива за греење, а не се или не можат да бидат опфатени со топловодната мрежа или со гасоводната инфраструктура, а реоните кои можат да бидат опфатени со меркава ќе бидат точно објавени за граѓаните да знаат дали можат да аплицираат за субвенција на промената на своите системи за затоплување“, информираше вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Ќе се аплицира онлајн, а единствен услов кој треба да го исполнат граѓаните е да дадат изјава дека повеќе нема да се греат со своите стари печки на дрва, јаглен или нафта и дека ќе и ги предадат на државата, а за сметка на тоа ќе го добијат вредносниот ваучер. Според Анѓушев, предност при добивањето на субвенцијата ќе имаат домаќинствата кои имаат приходи помали од 30 илјади денари месечно.

Заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули објасни дека старите печки ќе завршат во контролиран процес на некои од регистрираните легални отпади и дека обврската за превземањето и транспортот на отфрлените грејни тела на граѓаните кои купиле инвертери ќе ја превземат компаниите кај кои граѓаните ќе ги купат клима-уредите.

Ваква мерка, според заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули веќе била спроведена во Данска, каде биле давани субвенции во износ од 580 евра, во Германија каде биле давани ваучери од 2.000 евра, како и во Велика Британија, Полска и Бугарија.

На прашањето на „Мета.мк“ до премиерот Заев зошто не ја решава енергетската зависност на државата од термоцентралите на јаглен кои енормно загадуваат наместо да оди со послаби мерки какво што е субвенционирањето на инвертери, Заев рече дека АД ЕСМ веќе презема мерки.

„Се инвестира во филтрите за запрашување во износ од 20 милиони, како и во системот за  десулфуризација бидејќи сме свесни дека РЕК Битола е еден од најголемите загадувачи, но не треба да се заборави ниту стратегијата на Владата за обновливите извори на енергија“, рече Заев и како примери ги наведе изборот на концесионер за Чебрен и Галиште, за кој се надева дека овојпат ќе биде успешен бидејќи е поинаку формулиран тендерот.