Со стипендијата „Борис Трајковски“, младите добиваат шанса за студирање на „Сити Колеџот“ во Солун

Фото: Кабинет на претседателот Стево Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски, министерката за образование и наука, Мила Царовска и претседателот на Сити Колеџ, Европскиот кампус на Универзитетот Јорк, Јанис Верверидис, денеска потпишаа протокол за соработка за доделување стипендии „Борис Трајковски” за академската 2021/2022 година, соопштија од претседателскиот кабинет. Протоколот предвидува соработка за следната академска година, со цел да се обезбедат дваесет стипендии за Пан-европската Извршна МБА програма, со двојна диплома од Универзитетот Јорк и Универзитетот во Стразбур, која се реализира во Солун, Грција, а во рамки на стипендиите „Борис Трајковски“.

Секоја стипендија поединечно изнесува 14.890 евра, при што 50 проценти обезбедува Владата на РСМ, а другите 50 проценти Универзитетот.

Изборот на кандидати за стипендии ќе биде спроведен од страна на Претседателот, Министерството за образование и наука, Меѓународната фондација „Борис Трајковски“ и „Сити Колеџот“, преку заедничка комисија од по еден нивни претставник, во согласност со условите за прием на Универзитетот и законските прописи на РСМ.

„Сити Колеџот“ во Солун, Грција, од јануари 2021 година прерасна во Европски кампус на Универзитетот Јорк, кој е член на престижната Расел група на водечки универзитети во Велика Британија и една од најголемите светски институции во областа на истражувањето.

Пан-европската извршна МБА програма е меѓународна, иновативна програма дизајнирана за денешните менаџери и професионалци кои се стремат кон подобрување на своите вештини и знаења за професионален, кариерен и личен развој.

Студентите, по успешно завршување на оваа програма, ќе се стекнат со две дипломи за извршни мастер студии по деловна администрација од Универзитетот во Јорк и од Универзитетот во Стразбур.

Стипендиите „Борис Трајковски“ се доделуваат од 2003 година. Студентите кои успешно ја завршија програмата, активно придонесуваат во развојот и растот на економијата и општеството на земјава. Овие стипендии промовираат пријателство и соработка меѓу РСМ и Грција.

Конкурсот за апликација за стипендиите „Борис Трајковски“ ќе биде достапен на веб-страницата на МОН од следната недела.