Со скратена, но возбудлива програма, ЗДРАВО МЛАДИ 11 успешно одолеа на КОВИД-19

Настапот на Iskra на ЗДРАВО МЛАДИ 11; Фото: Мета.мк

Тимот на Младинскиот културен центар (МКЦ), но и верните обожаватели на нивните настани, се чини дека долго ќе го паметат 11-тото издание на фестивалот ЗДРАВО МЛАДИ. Постојани промени на протоколите за одржување на настани, рапиден раст на бројот на новозаболени лица од ковид-19, откажување на настапите на закажаните Viagra Boys и Noga Erez на 10 дена пред своите настапи, промена на распоредот на фестивалот од дводневен во еднодневен…

Сепак, и со сите овие проблеми, ЗДРАВО МЛАДИ 11 вчера вечер се одржа во паркот позади МКЦ и успешно одолеа на КОВИД-19. Скратената музичка програма донесе огромна радост за сите. Дел од музичарите, како шпанската пост-панк група Belgrado, самите на сцена си признаа дека настапот во Скопје им е многу драг, особено што доаѓа по нивната подолготрајна пауза од свирки, предизвикана од ковид пандемијата.

Дел од останатите бендови пак беа расположени во полна форма и успеаја на публиката одеднаш да им го вратат подзаборавениот нагон на играње на концерти и гласна кореспонденција со музичарите. Несомнено, ваков впечаток остави грузискиот Murman Tsuladze, за кој од МКЦ ќе напишат дека ги обединува француската електроника, африканските ритми и нивните грузиски корени. Спонтаноста во настапот и ритмичноста на нивните музички тонови не ја оставија рамнодушна публиката.

Настапот на Murman Tsuladze на ЗДРАВО МЛАДИ 11; Фото: Мета.мк

Од македонската музичка сцена, на ЗДРАВО МЛАДИ 11 настапија Lufthanza, Blackstate и Iskra. Во целата свежина на ритмичната мешавина што ја донесоа тие со себе, сепак вчерашниот настап на Iskra покажа дека оваа екипа веќе има изградено респектабилна музичка публика, и покрај тоа што имаат мал број на настапи во живо до сега. Нивниот настап беше комплетен, анимациите кои одеа во позадина беа авторски и го надополнија севкупниот позитивен впечаток и изразитото уметничко творештво на членовите на бендот.

Во отсуството на Viagra Boys и Noga Erez, за очекување беше кулминација на фестивалот да биде настапот на бендот Shortparis од Санкт Петерсбург, градот од Русија кој долги години наназад ги дава најдобрите руски музичари од алтернативната сцена. Тимот на МКЦ пред фестивалот го најави фронтменот на бендот Николај Комиагин како харизматичен, додека нивните настапи ги опиша како неверојатни ритуалистички настапи и темни, со електронски звучни сцени, заедно со спазмичен танц, кои се спојуваат со пост-панк, експериментална бучава и акустичен шансон.

Настапот на Shortparis на ЗДРАВО МЛАДИ 11; Фото: Мета.мк

Настапот на Shortparis навистина беше најенергичен, а фронтменот на бендот визуелно го круниса настапот со искачување на носечката конструкција на сцената. Shortparis се бенд којшто сосема поинаку се доживува кога ќе се види во живо, како во делот на нивниот настап, така и во однос на интеракцијата со публиката. Тешко се опишува со зборови, но длабоко се доживува на концерт. Сето ова не може да се долови доколку ги следите на Јутјуб или на било кој друг онлајн канал на којшто е достапна нивната музика.

Меѓу останатите изведувачи, Hercules & Love Affair очекувано го задржаа вниманието на публиката. Ди-џеј сетот на Andy Butler од Hercules and Love Affair беше очекувано да не го пропушти во своето миксање да го вклучи и светски познатиот хит BLIND, и тоа се случи. Тој беше најзвучното име од финалната листа на учесници на ЗДРАВО МЛАДИ 11 годинава меѓу мејнстрим публиката.

Вечерта на фестивалот беше крунисана со добропознатото име на македонската публика DJ FITZ, кој со својот ди-џеј сет успеа да ги задржи најпасионираните љубители на концертите на отворено до доцна во ноќта.

Меѓу бендовите кои настапија на ЗДРАВО МЛАДИ 11 беа и белградскиот бенд KOIKOI. Тие веројатно беа најбучната група вчера вечер, која пред публиката се претстави со веќе препознатливите песни од албумот „Pozivi u stranu“.

Изложба на дизајнираните постери за ЗДРАВО МЛАДИ 11; Фото: Мета.мк

Во кратките паузи меѓу настапите на музичарите, публиката можеше да ја погледне изложбата „Маска или преобразба на изопаченото“ на Бранкица Јордановска, но и да ги разгледа сите пристигнати дизајнерски творби на Конкурсот за дизајн на постер кој беше распишан од МКЦ пред одржувањето на единаесетото издание на фестивалот ЗДРАВО МЛАДИ.

Сè на сè, со целава актуелна состојба со КОВИД-19, може да се каже дека зад нас е уште едно ептен успешно издание на ЗДРАВО МЛАДИ.