Со проекција во Кинотека, вечерва се отвора 11-от Филозофски филмски фестивал

Со џез концерт на отворено и еден од најголемите класици на немиот филм ТОЛПАТА (THE CROWD), вечерва стартува 11-тото издание на Филозофскиот филмски фестивал. Годинава, за разлика од лани, хибридниот фестивал почнува со мини-концерт во дворот на Кинотеката на С. Македонија, односно во летното кино „Мирно лето“, информираат организаторите на фестивалот.

Покрај филмската проекција, вљубениците на добриот звук ќе имаат можност вечерва од 20 часот да уживаат во музичкиот перформанс на Yordan Kostov Quintet.

По музичкиот перформанс кој свечено ќе го одбележи отворањето на Фестивалот, следува и стартот на Ревијалната програма: Филм-Филозофија со проекцијата на ремек делото ТОЛПАТА (THE CROWD) на Кинг Видор (King Vidor) од 1928-та година. На рефлексија кон маестралното дело, посетителите ќе ги испровоцира проф. д-р Доминик Шато (Dominique Chateau) од Франција, кој ќе има онлајн излагање со анализа на филмот по проекцијата. Неговото учество се реализира во соработка со Францускиот институт во Скопје.

Покрај филмските проекции, во периодот до 3 јуни ќе се одржи и онлајн работилница за деца „Патешествието на принцот“, онлајн интервјуа со режисери на филмови, излагања и други активности, а за сите подробности заинтересираните лица може да се запознаат во програмата на фестивалот.

Билетите за секој фестивалски ден ќе бидат достапни на касата на Кинотеката еден ден претходно, еден час пред првата проекција. Влезниците за филмовите од Ревијалната програма и Компетитивната селекција на долгометражни филмови чинат 100 денари. Бесплатни ќе бидат проекциите во сегментите Ретроспектива Тарковски во Кинотеката и Компетитивната селекција на краткометражни филмови.

Организаторите на Филозофскиот филмски фестивал потенцираат дека кинотечната сала и летното кино „Мирно лето“ на Кинотека ќе функционираат со ограничен капацитет и со почитување на сите ковид мерки. Носењето на маска е задолжително за целото времетрање на проекциите.