fbpx

Со претстава одбележана 70-годишнината на Битолскиот народен театар

-

„Генерациите си одaт, нови актери доаѓаат, но театарот останува“, ова накусо беше главната порака што екипата на Битолскиот народен театар ја испрати на 70-годишнината од своето постоење.

Во преполната сала на Центарот за култура во Битола, публиката синоќа уживаше во од душа направената театарска претстава на целокупната екипа на театарот, од актерите, па сè до помошниот персонал и администрацијата, речиси сите се најдоа на сцена со повеќе или помалку автобиографски настапи.

Публиката се смееше до солзи, а аплаузите беа чести и френетични. Самото појавување на сцената на највозрасниот актер во БНТ, Борис Чоревски, беше наградено со силен аплауз, а задоволството беше уште поголемо кога бардот од срце ја испеа антологиската „Либе Трено“. Чоревски подавајќи го микрофонот на најмладиот член на БНТ, штотуку вработениот Сале, всушност ја испрати и најсилната порака дека театарот останува на младите. Во роденденската претстава екипата на БНТ на хумористичен, шеговит и сатиричен начин им ја долови реалната слика на публиката за она што се случува внатре во најбоемската институција во градот, сите ги симнаа маските за момент. Од озборувањата на вработените „Але кај е директорот Тино, пак е Скопје“, па, за непреспаните ноќи поминати во дружење во театарското бифе, за нивните мајтапи каков е овој театар кога просечната висина на актерите е метар и пол, а сите актерки се трудни, па сè до сексуалната ориентација и склоностите на дел од екипата.

Народен Театар Битола
Народен Театар Битола

Комичарот Марјан Георгиевски, како водител на роденденската претстава, не пропушти ама баш ништо од животот на театарот, а покусо не останаа ни критиките за битолчани, нивниот кабадајлук, како и нивниот интерес за театарот и за следење на репертоарот, преку настапот на актерот Никола Пројчески, кој буквално ја расплака публиката од смеа.
Инаку синоќа беше промовирана и фото-монографијата „Нови хоризонти“, објавена по повод одбележувањето на 70-годишнината од постоењето на таа национална театарска установа и изведбата на првата театарска претстава на македонски јазик во Република Македонија.

– Сиот свет е една голема сцена. А на сцената на Битолскиот народен театар 70 години е присутен светот – рече министерката за кутура Елизабета Канческа-Милевска.

За успесите на театарот впечатливо беше и сеќавањето на режисерот Љубиша Ѓоргиевски.

– Во овој театар ги заработив првите пари кога имав 17 години. Овој театар слави 70-годишнина, а јас славам 77 живот и 55 години работа. Она што го споменувам со носталгија, а што веројатно нема да се спомене никаде, е нашата театарска зграда, која беше варварски урната. Турскиот валија ја изградил на место кај што има турски гробишта. Еден валија имал храброст да го направи тоа, на местото на турски гробишта да изгради театар, а ние Македонците не смогнавме сили да се спротиставиме на уривањето – рече Ѓоргиевски, кој го најави почетокот на неговиот нов проект во БНТ под наслов „Геноцид“.

– Оваа пиеса е полемика со грчкиот фашизам. Јас сум доволно млад за уште да полемизирам –рече режисерот.
На сеќавањата за театарот се приклучи и битолскиот градоначалник Владимир Талески, актер по професија.

– Не знам ни сам зошто до ден-денес, еве ова ми е трет мандат, и секој ден одам на работа како градоначалник, но секогаш мислам дека сум на привремена работа во Општината и се чувствувам како член на овој театар. Тоа чувство не ме напушти, напротив се засилува. Битолскиот театар е еден од најжилавите театри кој прави исклучителни резултати – рече Талески.

А.Б

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Светски ден на книгата: Расте поддршката од читателите за домашните автори

Светскиот ден на книгата, кој се слави секоја година на денешен ден, 23 април, претставува глобална прослава на пишаниот збор и цели да даде поддршка на писателите и на...