Со пренос во живо вечерва ќе се одигра претставата „Иднината е приватна“

Постер за претставата „Иднината е приватна“ / Фото: ФБ настан за преставата

Вечерва со почеток во 20 часот во денсинг салата во Младинскиот културен центар (МКЦ) актерите ќе ја одиграат претставата „Иднината е приватна“, а сите заинтересирани ќе може да ја проследат истата во живо на платформата Basita.live.

„Актерите ќе играат во присуство на максимум тројца гледачи, физички присутни во истиот простор со нив, додека истовремено ќе се случува и пренос во живо на претставата. Тоа што ќе го гледаат тројцата во салата, ќе биде многу поразлично од она што ќе го гледаат останатите дома, на екраните. Благодарение на овој процес, како тетарски режисер навлегов во една за мене поинаква сфера: работа со снимател, кадрирање, одредување на движењето на камерата во просторот, би рекол дека навлегов во нешто слично за мене на телевизиска режија или ‘стрим-режија’ што ми е ново, но не и непознато“ изјави режисерот Милош Б. Андоновски за Мета.мк.

Како што вели тој, интересно за целата екипа е што само премиерната изведба, барем за сега, во својата суштина ќе остане театарска претстава, само за тројца во публиката. Она за кое ќе зборуваат понатаму е смена на медиумите и останатите гледачи кои ќе решат да ја гледаат претставата подоцна, всушност ќе гледаат видео снимка од одиграната претстава.

Во претставата играат Ангела Стојановска, Наталија Теодосиева, Дени Стојанов, Дарко Ристовски, Нина Елзесер и Христијан Поп-Симонов како гласот на Адам. Исто така, позајмени се гласови на Јасмина Василева, Симона Димковска, Слаѓана Вујошевиќ, Јанка Лефкова, Благојчо Стојанов, Илија Волчески, Никола Наковски, Емине Халил, Драгана Гунин, Наташа Вчкова, Петар Антевски, Милош Б. Андоновски, Марија Лукаревска.

Продуцент е Петар Антевски, сценограф Наташа Вчкова, а за костимографијата е задолжена Ирина Тошева, со асистент костимограф Катерина Блажевска Тошева и Модно студио Ле-Те. Музиката и анимациите се на Искра.

„Каква е иднината? Освен што се уверивме дека е непредвидлива, таа може да биде и розова, истовремено и дистописка, како во оваа претстава која тврди дека таа е „приватна“ односно дека лежи во враќањето на приватноста назад кон човекот. Што ако иднината навистина лежи во враќањето наназад, во нешта кои порано биле секојдневие, а денес се веќе егзотика: миризбата на лебот, грижата за природата, животните и другите? Живееме изолирано и повеќе виртуелно, отколку во живо, зашто само така се чувствуваме поврзано со она што е надвор од нас, од овде. Иднината ја чувствуваме преку видливоста, препознатливоста, брендот, објавувањето на порциите и долната облека, споделувањето на личните спомени и оплакувањето на мртвите“, додава режисерот Б.Андоновски.

Повеќе детали може да се прочитаат на следниот линк.

Проектот е поддржан од Европската делегација во Скопје, а спонзори се Берин – Агенција за интелектуална сопственост и модно студио Ле-Те.