fbpx

Со потпросечни патишта нема да привлечеме странски инвестиции

-

Висината на инвестициите и заинтересираноста на странски компании да работат во земјава директно зависат од развојот на патната и железничката инфраструктура. С. Македонија заостанува зад земјите од регионот по вложувањата, но и според состојбата на патиштата кои ги има. Стратешката позиција на земјава, во срцето на Балканскиот полуостров, каде се спојуваат патните правци кон Егејското море на југ, но и кон пристаништата во Албанија на запад и во Бугарија на исток може и мора да се искористи, но е условена со брзи инвестиции во квалитетна инфраструктура.

Според анализата на податоците од Извештајот за глобална конкурентност за 2019 година на Светскиот економски форум, квалитетот на патната инфраструктура во Европа варира, а најголемите разлики се забележливи помеѓу развиените западни држави и некогашниот источен блок. Со оценки од 1 до 7, во регионот, најдобри патишта има Хрватска, која е оценета со 5,6, а најлоши се во Босна и Херцеговина, чија оценка е 2,8. Македонската патна инфраструктура е оценета со 3,4, исто како и на Бугарија. Србија, Албанија и Црна Гора имаат нешто подобри оценки, помеѓу 3,5 и 3,9. Холандија ги има најдобрите патишта во Европа, а веднаш зад неа е Швајцарија. Двете земји се во врвот и на глобалната мапа, веднаш зад Сингапур, кој ги има најдобрите патишта во светот. Најлошите патишта во Европа се во Молдавија, која е оценета со 2,6 бодови.

Состојбата во која се наоѓаат патиштата во земјава е директен услов за странските компании кои одлучуваат каде да направат инвестиции, вели професорот на Градежниот факултет, Зоран Кракутовски. Времето за превоз на стоки за инвеститорите е пари, па тие своите вложувања ќе ги направат во земја која ќе им понуди побрз, поефикасен и побезбеден транспорт.

„Како континентална држава која нема излез на море, мораме постојано да инвестираме во копнениот сообраќај. Од аспект на бизнисот и развојот на економијата, важни се и патната и железничката инфраструктура. Јасно е дека за тоа се неопходни сериозни финансии, што се препознава преку развојот на инфраструктурата на земјите од регионот кои влегоа во Европската Унија и добија пристап до нивните фондови“, вели Кракутовски.

Посочува дека без можност за брза и ефикасна комуникација во регионот и пошироко се стеснува пазарот за размена на луѓе и добра, а со тоа и интересот на компаниите. Врз основа на Националната транспортна стратегија, нам ни недостасува да се изведе комплетен профил на автопат на делницата од Скопје до Велес, по Коридорот 10. Сепак, најпроблематична во земјава е конекцијата исток-запад, кон Бугарија и Албанија, каде немаме ниту експресни патишта, а не пак автопат.

„Фокусот е ставен на поврзувањето север-југ, додека развојот на Коридорот 8 заглавува во проекти, а реализацијата доцни“, посочува Кракутовски.

Од Министерството за транспорт и врски, пак, велат дека оваа година имаат предвидено најголем буџет за изградба и реконструкција на патната мрежа низ земјата, кој изнесува 360 милиони евра. Информираат дека се работи на изградбата на автопатите Кичево–Охрид и Скопје–Блаце. Трасата Кичево–Охрид во 25 проценти е препроектирана, се работи со посакувана динамика, а од Министерството очекуваат до крајот на годината делницата од Требеништа до Охрид да биде комплетно функционална и пуштена за сообраќај.

„Само за изградба на автопатски делници за оваа година, според годишната програма на Јавното претпријатие за државни патишта, предвидени се инвестиции во висина од повеќе од 180 милиони евра. Во делот на Коридорот 8  очекуваме наесен да започнеме со изградба и на новите автопатски делнци од граничниот премин со Албанија, Ќафасан преку Струга до Требениште, потоа од Кичево до Гостивар и од Гостивар до Тетово“, велат од Министерството за транспорт и врски.

Меѓу приоритетите кои треба да се случат го вбројуваат и воспоставувањето на сигурен и безбеден транспортен систем на Коридорот 10 преку воведување на информатички технологии и имплементација на интелигентни транспортни системи во транспортниот сектор. До крајот на годината се планира и формирање на Агенција за безбедност на патиштата која треба да ги креира, координира, иницира и управува активностите и мерките во областа на безбедноста на патиштата.

За состојбата на патиштата неодамна, при посетата на земјава коментираше и нобеловецот по економија Пол Кругман. Тој отворено ни кажа дека ако сакаме да привлечеме странски инвестиции во време на криза, вложувањата во инфраструктурата се од клучна важност.

„Во вакви услови инвеститорите ќе ги селат фабриките во земјите од Западен Балкан и државите со пониски плати, па тие треба да бидат подготвени да ги привлечат на нивна територија. Локацијата и политичкиот систем се добри, но патиштата треба да ги поправите. Доколку сакате фабрики од Холандија или Белгија да го преселат производството овде, за нив најважна е инфраструктурата за транспорт. Ако ја направите, вашите можности се големи,“ им порача Кругман на македонските политичари.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Од четврток ќе сообраќаат автобуските линии „100“ и „200“ за полесен пристап до Саемот на книгата

Од четврток, во редовниот линиски превоз на ЈСП Скопје ќе бидат вклучени линиите „100“ и „200“ со кои ќе се овозможи полесен пристап на посетителите до Меѓународниот саем на...