Владина делегација од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова и заменик министерот за образование и наука Агим Нухиу со положување цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје, ја одбележа 120 годишнината од загинувањето на идеологот и синонимот за народна борба за слобода.
Пред саркофагот на великанот се поклонија и му оддадоа почит и претседателот Стево Пендаровски и делегациите на Собранието, на Министерството за одбрана, Армијата, Сојузот на борците, Македонската академија на науките и уметностите, Град Скопје, политичките партии, нa дипломатскиот кор, како и други почитувачи на делото на Гоце Делчев.
Со пригодна богослужба за помен на мртвите чиночествувал архиепископот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија Г.Г. Стефан.
Гоце Делчев беше убиен од турската војска на 4 мај 1903 година во селото Баница, на пат кон Сер. Тој ја застапуваше каузата за искрена борба за прогресивно-културна држава, основана врз радикални и социјални принципи во која доброволно ќе се здружат сите угнетени народи и ќе ја продолжат сестраната борба.