Со полициски патроли во училиштата ќе се јакне безбедноста во услови на дојави за бомби

По дојавата за поставена бомба, средношколците повторно губеа часови; Фото: Мета.мк

Постојани полициски патроли кои ќе ги обезбедуват училиштата, како и упаство кое ќе содржи како да се постапува во деновиве кога ќе стасуваат дојави за бомби. Ова го договориле на денешниот состанок премиерот Димитар Ковачевски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за образование и наука Јетон Шаќири и директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски. Спасовски го презентирал новото упатство за постапките и мерките што ги презема МВР по добиена информација односно сознание или дојава за терористички загрозувања.

„Покрај ова, МВР обезбедува и постојани полициски патроли за обезбедување на училиштата. Мерките и активностите кои МОН веќе ги презема за справување со хибридните закани се надополнуваат со безбедносно јакнење на училиштата со кои се гарантира сигурноста и безбедноста на учениците и наставниот кадар во самите училишта“, наведено е во соопштението од Владата.

Оттаму информираат дека освен упатството кое МВР го има разработено, и МОН  работи на упатство со мерки, кое ќе го проследи до сите директори на училишта во државата.

„Директорите ќе имаат обврска да го применат за да се зајакне безбедноста на учениците и наставниот кадар и непречено да се одвива наставниот процес“, велат во Владата.

Оттаму додаваат дека мерките за јакнење на безбедноста на училиштата и наставниот процес ќе бидат детално образложени на директорите на училиштата во следните неколку денови, а благовремено ќе бидат известени и родителите како и јавноста.