Со поетско читање од 18 странски поети завршија „Струшките вечери на поезијата“

Фото: Поетски фестивал „Струшки вечери на поезијата“

Со поетско читање во Даут пашиниот амам на кое учествуваа 18 поети од странство, вчера официјално заврши годинешното 61. издание на меѓународниот поетски фестивал „Струшките вечери на поезијата“

„Читањето започна со аудиозапис со гласот на годинешниот добитник на „Златниот венец“, јапонскиот поет Шунтаро Таникава, кој поради поодмината возраст не присуствува на фестивалот. Таникава ја изведе песната „Да посадиш дрво“, англискиот препев го прочита јапонскиот поет Јасухиро Јоцумото, а македонскиот препев го прочита Зоран Анчевски, кој воедно е препејувач на оваа песна“, информираат од фестивалот.

Зоран Анчевски е препејувач и на целокупниот избор песни на Таникава, застапени во објавената Монографија посветена на лауреатот на „Златниот венец“. Тој е годинешниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу две изданија на СВП за неговата збирка „Збунети компаси“.

Оваа година, специјален гостин на фестивалот беше лауреатот од 2020 година, израелскиот поет Амир Ор. Поетот Ценд Ајуш Бујанзаја, годинава не беше присутен на фестивалот и поради тоа во негово име неговата песна ја прочита почесниот конзул на Монголија, Литов Намдагјанчивин.

Признанието „Мостови на Струга“ што УНЕСКО и „Струшките вечери на поезијата“ го доделуваат за најдобар поет-дебитант му беше врачено на италијанскиот поет Џерардо Мазучо.

Во рамки на фестивалот имаше и меморијално чествување на доајенот на македонската поезија Радован Павловски, а објавена беше и тематската антологија „Музика, секогаш и уште (поезијата во дијалог со музиката)“, која ја приреди македонскиот поет Владимир Мартиновски.