*Од тренингот на македонските фудбалери пред натпреварот со Украина; Извор на фотографија: Фејсбук профил на ФФМ

Денешниот фудбалски натпревар од 15 часот во Букурешт ќе биде клучен за фудбалските репрезентации на Македонија и Украина. За оној тим што ќе загуби, тоа ќе значи дефинитивен крај на надежите за пласман во осминафиналето од Европското првенство во фудбал. Идентично како што Македонија загуби од Австрија, Украинците во првиот натпревар беа поразени од холандската репрезентација.

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски рече дека ќе се борат за пласман во осминафиналето.

„Ова е своевидно финале, победникот од натпреварот ќе ги зголеми шансите за осминафинале“, рече Ангеловски, додавајќи дека Украина има многу квалитетна селекција и за нив ќе биде трагедија доколку не ја минат групата.

Македонскиот репрезентативец Езѓан Алиоски изјави дека се фокусирани на натпреварот со Украина, го анализирале противникот и треба да ги корегираат грешките од првиот натпревар со Австрија.

„Овој натпревар е како финале за нас, но и за Украина“, изјави репрезентативецот Алиоски.

Инаку, денешниот фудбалски натпревар меѓу Украина и Македонија ќе го суди Андрес Рапалини од Аргентина, ќе му помагаат неговите сонародници Хуан Пабло Белати и Диего Јамил Бонфа.

Во Букурешт се наоѓаат неколку илјади навивачи на македонската фудбалска репрезентација, кои се очекуваат да ја бодрат репрезентацијата на претстојниот натпревар.

Во првиот натпревар што македонската репрезентација го одигра против Австрија, фудбалерите загубија со 3:1. Последен меч од натпреварите по групи што ќе ги одиграат нашите фудбалери е оној со Холандија, којшто ќе се одржи на 21 јуни во Амстердам.