Со перформанс и работилница на децата им се опиша штетноста од изградбата на малите хидроцентрали

Фото: Мета.мк

„Се протна Флудо на другата страна, од големата и темна брана, и почна боја да губи од темнината почна да му студи, па почна да ги повикува и моли сите води и водни самовили, сите тревки лелеави, сите животинки, сите водни струи, да направат пукнатини на браната од камен и железни струготини. Флудо почна да вика со сета сила, да се соберат сите на кои водата им е мила“, е дел од нарацијата на мултимедијалниот перформанс за деца „Флудо“, којшто синоќа се прикажа Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје.

„На водата ѝ требаме ние, ѝ треба спас!”, беше пораката која што ја испрати театарот „Сенки и облаци“ од Скопје со перформансот којшто беше изведен во рамките на деветтото издание на Фестивалот на театар на сенки – Сонот на облачето. Заедно со перформансот, вчеравечер во МКЦ се одржаа и детската работилница и изложбата на темата „Заробени реки“.

На бесплатните настани учествуваа голем број на деца со своите родители, кои со особено внимание го проследија перформансот со сенки. Мултимедијалниот перформанс пред најмладата публика го прикажа животот на духчето Флудо, духот на водата, кој со своите пријатели од подводниот свет ќе биде заробен од човечка рака со изградбата на една хидроцентрала.

Фото: Мета.мк

Приказната беше раскажана преку интересна техника со многу вода, боја и масло на платно, додека перформансот е изработен врз основа на текстот на Д. А. Лори.

„Токму водата и заробените реки беа инспирација за овој перформанс. Преку раѓањето на духчето Флудо и играта на живиот свет во реката, па сè до уништување на целиот биодиверзитет преку поставување на мали хидроцентрали, кажуваат СТОП за градењето и уништувањето на реките. Овој перформанс е во соработка со „Еко-свест“ и ќе се игра на неколку места низ земјата“, ни објаснија од театарот „Сенки и облаци“.

Фото: Мета.мк

Перформансот и работилницата биле создадени во рамки на кампањата за заштита на реките од изградба на мали хидроцентрали, финансирана од @Euronatur. Работилницата беше водена од уметникот Доротеј Нешоски, при што за прв пат кај нас децата имаа можност да видат перформанс работен со специфична техника, која во 60-те години во Њујорк станува вистински хит. Миксот на вода и масло и нивното движење проектирано преку графоскоп донесе чувство на подводен свет.

„Водата како лик во литературата и уметноста воопшто, за жал честопати е третирана како сеприсутна, таа е тука за нас, човештвото располага со неа во целост. Ние имаме право над истата и следствено, ретко се замислуваме од каде доаѓа, колку е таа моќна и што ако некогаш секне? Токму тоа е прашањето кое сакаме да си го постават и децата. Дали е слободна водата, дали природата околу неа е среќна и колку сме ние “виновни” за тоа. Со овој уникатен ликвид перформанс му дадовме живот на духчето Флудо, душата на водата која со помош на сите природни моќи, капка по капка успева да ја сруши браната“, велат за Мета.мк од театарот „Сенки и облаци“.

Театарскиот ансамбл е и организатор на Интернационалниот детски фестивал на театар на сенки „Сонот на облачето“, кој оваа недела го имаше своето деветто издание коешто ќе се затвори вечерва со претставата „Колку е часот“ во изведба на театарот „Сенки и облаци“ и приредбата „Детски смешки, едно кило грешки“ на децата од градинката „13-ти Ноември“ од Скопје.

Театри од Италија, Србија и Македонија и годинава ја наполнија сцената „Фросина“ во МКЦ. Покрај претставите, децата имаа можност да присуствуваат на две бесплатни работилници, едната водена од гостинот од Турција, Џемал Фатих Полат со која децата денеска ќе имаат можност да се запознаат со Караѓоз театар, односно со изработката на кукли според традиционални методи стари 650 години.