Паметно енергетско планирање, безбедна и побрза транзиција од фосилни во обновливи извори на енергија со минимално негативно влијание врз природата и луѓето и соработка меѓу граѓанскиот сектор, Владата, експертите, бизнис секторот и сите релевантни институции е главната цел на кампањата за паметно енергетско планирање „Еко енергетска иднина – да планираме заедно!“, која ја започна Центарот за истражување и информирање за животната средина “Еко-свест”, во соработка со „The Nature Conservancy (TNC)“ и Македонската академија на науките и уметностите и ќе трае три месеци.
Кампањата се очекува да ја зголеми свесноста за важноста на енергетската транзиција, со која фосилните горива постепено ќе се заменат со обновливи извори на енергија, водејќи сметка за можните негативни последици врз животната средина и населението. Обновливите извори, како сонцето и ветерот, се решение за енергетската криза, но проектите за нивно искористување доколку се постават на несоодветни локации, иако се сметаат за еколошки, може да имаат негативно влијание врз луѓето или природата.
„При планирањето на фотоволтаиците и ветерниците, исклучително е важно да се води сметка тие да не се поставуваат на плодна почва, да не се загрозуваат природните ресурси, како водата или шумите, пасиштата, заштитените подрачја, но воедно тие да бидат доволно блиску до корисниците за да се намалат загубите при пренос на електрична енергија. Исто толку, нивното поставување не смее да го загрозува дивиот жив свет. Оттаму, потребно е паметно планирање“, велат од „Еко свест“.
Посочуваат дека во рамките на проектот, проектниот конзорциум ќе спроведува првично истражување за најсоодветните и најоптималните површини на земјиште кое може да се употреби за енергетски развој, а резултатите ќе бидат објавени во текот на кампањата и ќе бидат предмет на консултации и дискусија.