Со отворање на изложба, започна иницијативата „Проѕирниот човек“ на Гете-институтот и Фондацијата „Метаморфозис“

Фото: Meta.mk.

Со отворање на интерактивната изложба „What the future wants“ во Јавна соба во Скопје денеска беше означен почетокот на иницијативата „Проѕирниот човек“ која ја спроведува Гете-институтот Скопје во соработка со Фондацијата „Метаморфозис“, со цел промовирање на медиумските и информативните вештини на помладата генерација и нивната околина – родители, наставниците и сите други заинтересирани луѓе.

Фото: Гете-Институт Скопје.

Настанот го отвори амбасадорката на С.Р. Германија Анке Холштајн, која посочи и на дел од ризиците со кои се соочуваат и младите и возрасните.

Анке Холштајн, амбасадорка на С.Р. Германија во Северна Македонија. Фото: Гете-Институт Скопје.

„На веб, информациите се шират исто така едноставно и брзо како и наводните информации. А exo-просториите брзо ги запленуваат своите следбеници. Се создаваат паралелни универзуми. Во меѓувреме, обемот на социјалните, политичките и културните влијанија на овие феномени го одредуваат секојдневието. Исто така и на политиката и на дипломатијата: битките на социјалните медиуми, кои ја придружуваат ужасната војна на Русија во Украина, се водат со истата суровост како и вистинските битки. Ниедна лага не е премногу инфамна, за да не биде употребена. Стратешката комуникација во меѓувреме стана исклучително важен дел од нашата работа“, изјави германската амбасадорка.

Амбасадорката го препорача македонскиот филм „Сестри“ како извонреден пример кој сликовито илустрира како „младите се особено изложени на опасностите од социјалните медиуми, бидејќи тие од една страна поминуваат многу време на интернет, а од друга страна, сè уште не можат вистински да ги проценат и подредат ситуациите.“

На отворањето, видео-обраќање имаше и министерот за информатичко општество и администрација на Република Северна Македонија Адмирим Алити, кој ја повтори заложбата на надлежните државни институции за унапредување на состојбите при процесот на дигитална трансформација преку вклучување на сите чинители.

Директорката на Гете-институтот Скопје, Катрин Освалд-Рихтер, на настанот истакна:

„Слободно можеме да кажеме дека медиумската компетентност значи демократска компетентност и сметам дека не морам да потенцирам колку е тоа важно за нашите општества. Покрај опасностите и негативните појави, од посебен интерес се и желбите и соништата на помладата генерација“.

Катрин Освалд-Рихтер, директорка на Гете-Институт Скопје. Фото: Гете-Институт Скопје.

„Затоа што се работи за способноста да се направи разлика помеѓу вестите и релевантната реалност, да се стекне знаење за логиката на селекција на медиумскиот систем. Човек мора да биде способен да ги дешифрира медиумските форми на претставување и да знае како да ги користи медиумите за да дојде до информации. И: потребно е сите ние да сме свесни за постоењето и функционирањето на алгоритми и  филтри за информирање како и за улогата на социјалните ботови и лажните вести“, изјави директорката на Гете-институтот Скопје, Катрин Освалд-Рихтер.

Директорот за развој на партнерства и развој на Фондацијата „Метаморфозис“ Филип Стојановски посочи дека е „исклучително важно младите уште од најмала возраст да се вклучат во борбата за човекови права на интернет, во кои спаѓаат слобода на изразување, сајбер-безбедност и приватност“.

Според него, искуството на Фондацијата „Метаморфозис“ покажало дека е потребен системски и сеопфатен пристап со комбинирање на проверка на факти, промоција на медиумски плурализам, медиумска писменост и критичко мислење како основа за соочување со тековната плима на дезинформации. „Метаморфозис“ и во минатото има соработувано со германски организации на развој на демократските вредности во дигиталната сфера, меѓу кои и Tactical Tech, a соработката со Гете-Институтот отвора нови перспективи за вклучување поширок круг млади и не само млади луѓе.

Фото: Гете-Институт Скопје.

Гете-Институт Скопје ја разви изложбата „What the Future Wants“ во соработка со невладината организација Tactical Tech од Берлин, која делува ширум светот, заедно со ученички и ученици од земји од регионот, меѓу кои и од Северна Македонија. Изложбата е дел од Глобалната недела на медиумска и информациска писменост на УНЕСКО, што се одржува по дванаесетти пат. Централниот настан на глобално ниво годинава ќе се одржи во Нигерија на темата: „Градење доверба, императив во односот со медиумите и информациите“ (Nurturing trust: a media and information literacy imperative“).

Фото: Мета.мк.

Изложбата “What the Future Wants” преку јазик и дизајн соодветен за млади ја отсликува нивната реалност и ги мотивира младите, интерактивно да се осврнат на темите како сајбер-булинг, идеали за убавина, лажни информации и онлајн зависност. Истовремено се одржува во Атина, Анкара, Белград, Истанбул, Измир, Скопје, Софија, Солун и Тирана.

На настанот учествуваа и дел од учесниците во создавањето на содржините на изложбата во текот на претходната учебна година, како ученици во деветто одделение во основни училишта во Прилеп и Битола. Тие, денес сегашни средношколци, изразија задоволство од резултатот и побараа што пошироко вклучување на младите во сите процеси и одлуки кои се однесуваат на нивните животи.

Фото: Гете-Институт Скопје.

Претставниците на Гете-институтот во Скопје, Фалк Шлајхер и Гордана Бабоска истакнаа дека имаат за цел и младите, но и нивните родители, да добијат јасна слика за работите што се случуваат на интернет за да може заеднички да се соочуваат со ризиците.

Во продолжение на интервенцијата „Проѕирниот човек“, Гете-институтот заедно со Фондацијата „Метаморфозис“, ќе одржат низа настани и активности: работилници за млади и наставен кадар, разговори со експерти, настани од информативен карактер за родители, анонимни советувања од страна на специјалисти за млади, натпревари и регионални средби за млади.

Фото: Гете-Институт Скопје.

Наредна активност од иницијативата е јавниот разговор со експерти на тема „Родителство во дигитален свет – надежи и стравови во однос на влијанието на технологијата врз младите“, кој ќе се одржи во сабота на 29 октомври од 18 часот во „Јавна соба“, а истовремено ќе биде емитуван и видео-пренос во живо преку страницата на Гете-институтот Скопје на „Фејсбук“.

Саботниот јавен настан е пред сè наменет за родители. Тој треба да им овозможи различни перспективи на феноменот на дигиталниот свет, на кој нивните деца и тие самите се изложени. Постои можност, сите заинтересирани да постават прашања пред настанот, со цел тие да бидат одговорени од страна на експертите: Радмила Живановиќ – акредитиран психолог и психотерапевт, Арбен Гудачи – експерт за заштита на податоци и Владимир Петрески – уредник на сервисот за проверка на факти „Вистиномер“, основан од Фондацијата „Метаморфозис“.