Со огромна торта декорирана во боите-симбол за Даунов синдром, децата од „Доза среќа“ ја покажаа хуманоста

Светскиот ден на лицата со Даунов синдром се одбележува денеска, а со него потсетувањето дека и по неколку месеци ветувања од властите, не се најде простор за обезбедување на образовни асистенти во средното образование

Фото: Сузана Стојановска приватна архива

о продажба на некои од производите, се собираа средства кои му се потребни на ученик од ова училиште за лекување во странство.

Никола, Денис, Коста, Кристијан, Ана Марија, Дарко, Ева, Рабије, Кан, Омер, Ава, Ива и Матеј покрај тоа што се покажаа како успешни слаткари, во духот на пролетта ги покажаа и другите уметнички способности, а приликата ја искористија и да прослават еден роденден. Денис свиреше хармоника, а другите, ја отпеаја песната „Македонско девојче“ и други народни и забавни песни кои истовремено ги преведоа и на знаковен јазик.

„Нашата денешна порака е да ги вклучиме децата во секој сегмент од општествениот живот и да ги научиме на хуманост“, изјави за Мета.мк Сузана Стојановска од „Доза Среќа“.

Младите од „Доза Среќа“ својата хуманост ја покажаа повеќе пати до сега, скоро и да нема празник кој не го одбележуваат и донираат нивни изработки.

Децата со нетипичен развој се вистински херои, кај нас стигматизирани, во светот одликувани

Тие се постојано активни во повеќе спортски и иновативни проекти, а постигнуваат и меѓународни успеси. Добиваат значајни награди и дома, со што докажуваат дека полека победуваат во борбата за нивна инклузија во општеството, но велат дека нема да престанат да се борат.

Младите од „Доза Среќа“ се закитија со 23 златни медали на Научната олимпијада за млади иноватори и таленти

Минатата година, Град Скопје, за врвните достигнувања на светски натпревари за млади иноватори на тема Животна средина категорија – Лековити растенија, им ја додели Наградата „13.Ноември“. Бројни се и нивните медали од учествата на спортски и танцови натпревари.

Сепак, веќе се наѕира крајот на учебната година, а Министерството за образование и наука, и покрај постојаните ветувања, не го реши проблемот и не обезбеди образовни асистенти за секое дете со Даунов синдром.

Тортата се испече, ама Законот за средно образование никако да се зготви

Иако министерот за образование и наука Јетон Шаќири кон крајот на минатата година рече дека министерството ќе излезе во пресрет и ќе ги задоволи сите потреби за секој што ќе побара образовен асистент за своето дете, Никола Стојановски сè уште не го оствари своето право.

Шаќири: Секој родител кој ќе побара образовен асистент за своето дете, ќе добие

Неговата мајка Сузана, која за проблемот апелираше уште на почетокот на учебната година, веќе губи надеж дека овој проблем наскоро ќе биде решен и вели дека е тажно кога гледа како кај нас сè се прави со големи задоцнувања.

 

„Верувам дека ќе дојде момент кога сите деца кои имаат потреба ќе добијат свој образовен асистент. Но, не верувам дека Никола ќе биде едно од тие деца. Веројатно ќе се случи кога Никола ќе заврши средно образование. Но, кога и да се случи, ќе има потреба од образовни асистенти. Засега, не знаеме до каде е Законот за средно образование, а процесот дополнително се отежнува со секоја промена на министер затоа што тогаш сè почнуваме од ново“, вели Сузана.

Се зголемува бројот на деца со посебни образовни потреби, а нема заинтересирани асистенти

Во моментов, сè додека не биде поинаку со новиот Закон за средно образование, според кој ќе се обезбеди образовна асистенција за учениците со попречености и во државните и општинските средни училишта, образовните асистенти за дел од средношколците се обезбедуваат преку програмата за Општинско – корисна работа на УНДП во партнерство со локалните самоуправи, Агенцијата за вработување и Министерството за труд и социјална политика.

Се готви нов Закон за средно образование, во тек е јавна дебата

 

Но, има и општини кои се соочуваат со проблем за да вработат образовни асистенти. Така, Општина Центар минатиот месец го повтори јавниот повик за ангажирање на лични асистенти во проектот „Образование за сите“ за потребите на ученици со посебни образовни потреби од причина што на првиот не се пријавиле доволно кандидати. Од друга страна, зголемен е бројот на ученици со посебни образовни потреби кои имаат потреба од помош и придружба во текот на наставата.

Според Сузана, недостатокот од образовни асистенти се должи на малиот надоместок што го добиваат овие професионалци.

„Сè додека не се научат дека треба да се вреднува трудот на овие луѓе ќе биде вака. Секој што работи се знае за што работи. Не може некој да оди на работа а надоместокот да му биде колку за превоз и хранарина. Има дефектолози, но и не мора асистентите да бидат дефектолози затоа што има луѓе кои и без таа квалификација имаат дарба и емпатија да работат со деца. Едноставно така се родени, но трудот треба да им се вреднува“, истакна Сузана Стојановска.

За ваквите проблеми во разговор со Мета.мк од канцеларијата на Народниот правобранител алармираа уште во септември минатата година.

„Загрижува тоа што и оваа учебна година образовната асистенција за учениците во средно образование ќе се обезбедува со поддршка на УНДП преку вклучување на евидентираните невработени лица од Агенцијата за вработување на РСМ во програмата за Општинско-корисна работа. Меѓу другото и поради сознанијата дека само неколку општини во август објавија јавни повици за ангажирање на образовни асистенти, при што ангажманот е во времетраење од девет месеци, за што ќе добиваат паричен надоместок за работно ангажирање во висина од 9.000 денари. Поради тоа постои голема незаинтересираност од страна на потенцијалните кандидати“, изјавија од канцеларијата на Народниот правобранител.

Децата растат, а потребите се менуваат

Дополнително, според искуството на Сузана Стојановска, покрај образовните асистенти, децата со Даунов синдром кога ќе наполнат или веќе наполниле 18 години имаат потреба и од социјални клубови, обуки за вработување или слични центри за специјализирани обуки според потребата на терен.

„Кога имавме потреба од дневен центар го немавме, а немавме и никакви услови затоа што за децата со попречености беа затворени и вратите од градинките и од училиштата. Сега се донесе Закон за основно образование со вработени асистенти, се донесе закон градинките да мора да ги примат децата. Но, децата растат и се создава проблем зато што тие не добиваат стручна подготовка за животни и работни вештини, а во дневните центри нема што да прават затоа што нивната програма е за млади до 26 години. Но, таа програма не е соодветна за да им помогне да бидат работоспособни. Исто така јавните претпријатија, треба да имат обврска да ги вработуваат овие млади луѓе. За сега само две деца-членови на „Доза Среќа“ се вработија во јавно претпријатие“, вели Сузана.