Фото: Влада на РСМ

Според новиот Предлог-Закон за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата, кој беше денеска усвоен на Влада, се зголемува опфатот на дополнителни 1.100 стечајци. Тие ќе добијат можност за месечен надомест од 9.242 денари, односно 34 проценти од просечната месечна нето плата исплатена во претходната година. Со последната измена речиси 13.000 лица ќе добиваат материјален надомест до вработување или до пензионирање.

Ова го посочија на заедничка прес конференција, премиерот Зоран Заев и министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

Заев потсети дека Владата досега, со неколку законски решенија, обезбеди финансиски надомест за невработените чиј работен однос престанал поради стечај, ликвидација и технолошки вишок, односно за 11.420 стечајци.

Шахпаска рече дека со Предлог-Законот, на денот на поднесување на барањето, невработеното лице треба да е на возраст од најмалку 52 години (жена), односно 55 години (маж); да остварило право на паричен надомест по 1 јануари 1993 година, и од 31 декември 2020 година, до денот на влегување во сила на овој Закон, да не било во работен однос. Паричниот надомест од 9.242 денари ќе се остварува сѐ до  вработување или пензионирање.